ВИДЕО обраќање на Заев: Законот за јазици покажува дека Македонија е земја на сите граѓани

Премиерот Заев во видео обраќање го поддржа донесувањето на Законот за јазиците.

„ Вчера, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за употреба на јазиците.

Овој Закон е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“. Оваа наша, и европска вредност, ја доби поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори.

Таа вредност: Македонија – земја на сите граѓани, е концепт и патоказ за нашата иднина.

Се определивме за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години. Никој не e, и не може да биде над Уставот.

Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка.

Истовремено, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик.

Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности.

Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Нема разумно оправдување во блокадата на политичките процеси и на политичките институции како што е Собранието.

Наместо тоа, време е сите ние, политичарите, да ја преземеме одговорноста што им ја ветивме на граѓаните и да ги заокружиме реформските процеси во Република Македонија.

Време е за реформи и за економија, време е за развој на Македонија, во интерес на сите граѓани.“ – вели Заев во својата реакција.

Интересно е што Заев се реши на ваков начин на обраќање, за разлика од претходно кога премиерот немаше проблем да застане на прес конференција и да одговори на прашањата на новинарите.

 

 

 

 

15.03.2018 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега