Зибери: Има потреба од промена на Уставот и прецизирање на процедурата за прогласување на закони

Поранешниот министер и пратеник Насер Зибери, вчера гостуваше во дебатната емисија „360 Степени“ каде зборуваше за донесувањето на Законот за јазиците и обврската на претседателот за неговото потпишување.

– Имајќи ја во предвид актуелната политичка култура, имаме ситуации каде претседател на држава и во ситуација кога по Устав е должен да постапи, тој не постапува. Од тука се наметнува прашањето дека има потреба од интервенции во Уставот, и напуштање на суспензивното вето на претседателот во делот на прогласување на законите. Имаме практика и од други земји. Уставот на Италија, на пример, вели – доколку при повторно разгледување, со мнозинство од бројот на членови на Парламентот биде усвоен одреден закон, тој по сила на Уставот влегува во сила и се прогласува. Значи, по втор пат претседателот веќе нема право да го кочи процесот и да ја дерогира законодавната дејност на Собранието. Затоа, треба формулација која ќе го прецизира ова. Унгарија има трето решение – вели, доколку претседателот не се согласува и цени дека одредена одредба е спротивна на Уставот, тој во рок од 5 дена треба да се обрати до Уставниот суд и да бара мислење од Уставниот суд и потоа да одлучи дали ќе го потпише или не. Ама тогаш е поткрепен со став на Уставниот суд кој е надлежен за таа работа, а не по волја на претседателот – рече Зибери.

Тој потенцираше дека претседателот на државата не е орган кој треба да ја оцени законитоста и уставноста на еден закон. Зибери истакна дека претседателот на Собранието Талат Џафери не требал да бара пратениците да поднесуваат амандмани, како и дека требало да се направи селекција и одбивање на сите амандмани кои не се однесуваат на забелешките на Иванов.

Неговиот заклучок едека решение треба да се побара во Уставот и дека одговорноста ја има претседателот Иванов.

 

 

 

17.03.2018 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега