Стојаноска: Законот за јазиците е донесен со кршење на процедурата и Деловникот

Дафина Стојаноска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата Анализа на ТВ 24, вели дека законот за јазиците нема никаква правна основа и е донесен со кршење на прaвната процедура и злоупотреба на европското знаменце.

-Прво што требаше да направи пратеникот Талат Џафери е да го врати овој закон до владата, бидејќи овој закон нема никаква правна основа, да се крие под европското знаменце. Намерите беа да се избегне матичната комисија каде што овој закон требаше да се разгледува, тоа е комисијата за политички систем. Се премина во комисијата за европски прашања, каде што скратена беше дебатата, каде само три дена имаше можност за расправа, рече Стојаноска.

Имено расправата во Собранието била прекината по прво читање кое се одвивало од 15-ти до 23 – ти септември, поради распишувањето на локалните избори како што посочи пратеничката Стојаноска.

Стојаноска дополнително вели дека станува збор за апсолутно насилство спроведено од страна на владејачката гарнитура и спречување на опозицијата да се произнесе по однос на законот.

-Целата процедура е прекршена. Во второто читање во комисијата за европски прашања, не се дозволи ниту еден амандман да биде поминат, се закочи расправата само на првиот амандман од колегата од Беса, вели Стојаноска.

Таа констатираше дека чинот на носење на законот ќе остане запишан во историјата и едноставно нема да има тежина, за секогаш ќе биде запаметен во македонската јавност начинот на кој овој закон се донесе, насилно дека без демократска расправа.

По однос на Деловникот во Собранието пратеничката истакна дека секој пратеник има право на поднесување на амандмани и на расправа по поднесените амандмани, тоа право на пратениците не им било дозволено што претставува директно кршење на процедурата за носење на закони.

 

 

 

17.03.2018 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега