Витештвото на Претседателот и тиранијата на парламентарното мнозинство

Од август минатата година, академици, професори, правници, политиколози и останати стручни лица во јавноста ги презентираа сите аргументи кои доведоа до едногласен заклучок, дека предлог законот за употреба на јазиците (ЗУЈ) така како што беше предложен е неуставен и дискриминрачки.

Иако јавни и гласни беа препораките и на меѓународната заедница, дека овој закон не е дел од реформската агенда, сепак власта одлучи да биде без слух и (зло)употребувајќи го европското знаменце да не’ убедува дека реформите се за среќата на сите.

И понатаму остана нејасно како ќе се разбираат децата во иднина, ако од раѓање секое зборува и учи на својот мајчин јазик, а официјалниот македонскиот јазик го познава делумно и инцидентно, дали тоа ќе значи градење на нови пријателства или затворање на младите во поларизирани светови.

Овој предлог закон владеачкото мнозинство одлучи да го усвои по постапка со која флагрантно се прекрши Деловникот на Собранието на Република Македонија, особено членот 173 став 3, отфрлајќи ги 35.000 амандмани на опозицијата со кои се предлагаше облагородување на содржината на законскиот текст, согласно укажувањата на Претседателот Иванов.

Властодржците се одлучија да гласаат за законот игнорирајќи ги и забелешките и укажувањата на Претседателот Иванов, кој веќе еднаш ја искористи можноста за суспензивно вето и го врати законот на ново разгледување пред пратениците, и иако необврзан, сепак ги образложи причините.

Со пробиени рокови, отфрлени амандани, без расправа, со прекршен Деловник, погазени демократски процедури, сепак власта гласаше и законот го прогласи за донесен.

Додека огорчени граѓаните, стручните лица, невладините организации и политичките партии од опозицијата зборуваа за погазување на демократијата и најавуваа иницијатива пред Уставен суд, јавно се обрати и Претседателот Иванов.

Препознавајќи ја тиранијата на парламентарното мнозинство, мајоризацијата, уривањето на демократските процедури и кршењето на Уставот, претседателот Иванов витешки објави дека нема да го потпише указот т.е. дека ќе посегне по “џебно вето“.

За разлика од првиот случај кога претседателот Иванов примени “суспензивното вето“ и го извести Собранието за причините поради кои не го потпишува указот, во овој втор случај кога претседателот витешки најави примена на “џебното вето“ (а ќе биде ставено по втор пат на еден ист закон), претседателот всушност најави дека тој ќе го чува законот во фиока и без да потпише указ истиот не може воопшто да се објави, а нестапувањето на сила значи дека законот ќе остане неприменлив во правниот поредок.

Со оваа постапка, најавена во обраќањето претседателот Иванов се обидува да демонстрира лична заложба за носење добри закони кои ќе бидат во согласност со Уставот и да спречи Собранието во иднина да се однесува противуставно и неодговорно.

Ова е свесно кршење на Уставот за постигнување на една повисока цел, како што е заштита на т.н. ‘општо добро’ и спречување Република Македонија да стане земја со правни хендикепи, нарушена демократија и разнишан меѓуетнички соживот.

Иако согласно член 87 од Уставот на Република Македонија, претседателот ризикува да биде повикан на одговорност, тој со својата постапка, свесно и длабоко етички се обидува да испрати јасна порака дека е чувар на уставот и на интересите на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска и расна припадност.

Легитимитетот за оваа постапка претседателот Иванов го црпи од своите гласачи, од непостапувањето на пратениците по неговите забелешки, но и од кршењето на писмените гаранции дадени од премиерот. 

Истовремено,  македонската понова историја познава и други примери кога претседателите одбиле да потпишат указ на по втор пат изгласан закон, со што е создадена и правна пракса за ова прашање.

Со најавата за примена на “џебно вето“ по втор пат на ист закон, Претседателот Иванов ризикувајќи импичмент, стана витез на срцата на сите граѓани кои со донесувањето на законот беа изложени на тиранија на парламентарното мнозинство и истовремено стана најцврстиот гарант на уставот и на унитарниот карактер на државата.

м-р Анета Стојановска-Стефанова

 

 

 

17.03.2018 - 13:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега