За два дена стартува „Пиволенд 2013“ на старата локација под Кале

Околу 40 видови домашно и странско пиво ќе понуди годинашниот шести по ред „Гурмански викенд со пиво – Пиволенд 2013“, кој ќе се одржи од 11 септември до 15 септември, на старата локација - скопското Кале.
 
Фестивалот е во организација на компанијата „Темов“, а под покровителство на Градот Скопје. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски на денешната прес-конференција ги покани сите граѓани на Скопје, но и граѓаните на другите градови во државата, да го посетат Пиволенд 2013.
 
- Сите љубители на пивото на овогодинашниот фестивал ќе можат да дегустираат околу 40 видови пиво, домашни и странски, како и да уживаат во големиот избор македонска традиционална храна од десет различни ресторани. Оваа година фестивалот ќе има четири стејџа со различен тип на музика, и тоа: главниот стејџ, ДЈ стејџот и кавер бенд стејџот, истакна градоначалникот Трајановски.
 
 
Организаторот на манифестацијата, Пане Темов потенцираше дека  покрај германски, чешки и белгиски пива, годинава првпат ќе може да се дегустираат и пива од Англија.- Фестивалот на пивото, Пиволенд, годинава на барање на посетителите се пресели повторно на Скопското кале, а како и секоја година до сега така и оваа акцентот го става на македонските пива, македонската храна и македонската музика. Првпат оваа година пивопијците ќе можат да дегустираат девет видови пиво од Англија, меѓу кои е и официјалното пиво на мега популарната група Iron Maden, рече Темов.
 
Во петте фестивалски денови ќе можат да се проследат најголемите домашни ѕвезди како Тамара Тодевска, ДНК, Тони Китановски и Васил Хаџиманов, Нокаут, Визија, најдобрите македонските ДЈи: Гоце (саф), Славе, Мирко Попов, Ајсберг, Роботек, Лефанк, Гејм овер и Чваре, како и најдобрите наши кавер изведувачи меѓу кои Бени нон стоп, Ај Кју, Пеперминт Босса нова, Лабаво Лавабо и многу други.
 
Посетителите ќе можат да ги проследат и настапите на регионалните ѕвезди-Електрични оргазам, Едо Маајка, Постолар Трипер и Викеда. 
 
Влезот на фестивалот е бесплатен. Цените на пивата ќе се движат од 40 денари за македонско пиво во чаша  од 0,4л, лименка од 0,5л-50 денари, додека најскапите и ексклузивни странски брендови пиво ќе чинат околу 200 денари. 
09.09.2013 - 13:38
Фото: 
Пулс24

најчитано сега