Заев-Климкин: Има интерес за продлабочување на односите меѓу Македонија и Украина

Постои интерес за продлабочување на односите меѓу Македонија и Украина, посебно на економската соработка, оцениле премиерот Зоран Заев и украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин, кој денеска престојува во посета на Македонија.

Владината прес-служба соопшти дека двајцата соговорници изразиле заедничка определба за значително унапредување на односите меѓу двете држави. На средбата е оценето дека се создадени услови за развој на соработката по реформските чекори што ги презела Владата на економски и политички план и поздравен е надминатиот повеќегодишниот застој за функционирање на Мешовитата комисија за спроведување на договорот за слободна трговија откако е именувана министерката Зорица Апостоловска како копретседавач со Комисијата.

Украинскиот министер оценил дека македонската Влада добро се справува со предизвиците на полето на реформите и добрососедските односи и оти тоа отвора пат кон евроинтеграциите на државата. Тој изразил подготвеност за политичка и експертска поддршка од Украина, а пренел и интерес на полето на инвестициите.

Премиерот Заев истакнал дека за Македонија, евроинтеграциите се стабилност, безбедност и економија.

-Работиме на напредок во клучните области важни за квалитетот на живот на граѓаните и за ЕУ и НАТО. Затоа ја оценуваме 2018 за значајна година, месецов да се тргне условеноста на препораката за преговори, а потоа и исчекори на евро-атлантски план, рекол Заев.

На средбата е разговарано и за можностите за унапредување на соработката и во областа на земјоделството, енергетиката и продолжување на добрата соработка во одбраната.

Покрај премиерот Заев, на средбата присуствувале и  министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостоловска и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

 

 

 

11.04.2018 - 13:48
Фото: 
Влада.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега