Заев: Владата се води од начелото на почитување на сите професии и нивно соодветно вреднување
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и советничката за правда Тања Чачарова-Илиевска денеска остварија средба со претставници на судската полиција.
Судските полицајци, како што информира владината прес-служба, му се заблагодариле на премиерот Заев за приемот и ги изложиле предизвиците со кои се соочуваат во својата секојдневна работа.
Претставниците на судската полиција со премиерот Заев се согласиле дека е потребно да се обезбеди повисок стандард и подобар социјален статус за полицијата, која ги обезбедува судовите во Република Македонија.
- Владата, која јас ја предводам, има волја и прави напори да ги обезбеди и сочува работничките вредности на сите професии и дејности и нивно соодветно вреднување, истакнал премиерот Заев и изразил уверување дека преку институциите ќе се заложи за подобар стандард и надминување на актуелните проблеми на претставниците на судската полиција.
Премиерот Заев и неговите соработници оцениле дека се посветува соодветно внимание за подигнување на нивото на професионалност на сите службени лица, преку почитувањето на соодветните стандарди.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа