Нимиц се сретна со Попоски и молчејќи замина во Владата

Медијаторот на ОН Метју Нимиц претпладнето во македонското МНР се сретна со шефот на дипломатијата Никола Попоски.

По едночасовните разговори, Нимиц не даде изјава за медиумите и замина на средба во Владата со премиерот Никола Груевски.

Посредникот на ОН вчера по пристигнувањето во Скопје се сретна со претседателот Ѓорге Иванов при што размениле мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник, како и за исходот од неговата посета на Атина.

Иванов истакнал оти Македонија е подготвена на средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот со Грција за разликата околу името. Тој изразил очекување грчката страна да покаже добра волја за создавање позитивна атмосфера и надминување на разликата околу името.

Шефот на државата, воедно, ја реафирмирал македонската државна позиција и посветеноста за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името. Македонскиот претседател Иванов потенцираше дека како и досега, Република Македонија и натаму активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение. 

Република Македонија инсистира на целосно почитување на рамката во која се води процесот, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Нимиц доје во Скопје од Атина каде што се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. По средбата медијаторото изјави дека му биле разјаснети ставовите на грчката страна, без да соопшти повеќе детали.

11.09.2013 - 12:20
Фото: 
МИА

најчитано сега