СДСМ: При доделувањето на концесијата на „Тотал инжинеринг“ запазени се сите законски и правни регулативи

Владејачкиот СДСМ реагира на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека фирмата „Тотал инжинеринг“, во сопственост на Вице Заев, добила концесија за експлоатација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево. Од СДСМ велат дека првиот договор фирмата „Тотал инженеринг“ ДООЕЛ Струмица со Владата на Република Македонија го потпишала во 2015 година, во времето кога премиер на владата беше Никола Груевски.

„Тој договор бил за истражување минерална суровина – глина, во с. Дукатино“, општина Василево. Следствено на постапката за доделување концесии за експлоатација на минерални суровини, која се практикува со сите концесионери, Владата на Република Македонија на 65. седница, одржана на 24.4.2018, по претходно утврдена постапка, во која се запазени сите законски и правни регулативи и се добиени позитивни мислења од сите надлежни институции, ја усвои одлуката да ѝ се додели концесија и за експлоатација на минерална суровина – глина на фирмата „Тотал инжинеринг“ ДООЕЛ Струмица на локалитетот с. Дукатино, општина Василево“, велат од СДСМ.

 

Од владејачката партија објаснуваат дека Владата на Република Македонија ја донела одлуката по претходна постапка, во која, како што велат, се исполнети сите правни предуслови за позитивен одговор во однос на добивање на концесијата.

„Позитивно мислење е добиено од сите надлежни институции, и тоа: Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура, општина Василево, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за финансии и Министерството за животна средина. По завршување на претходната постапка, Министерството за економија ја ставило одлуката на дневен ред и таа е усвоена. Записникот од 65. седница ќе биде јавно објавен во согласност со вообичаената пракса и процедура по неговото усвојување на некоја од наредните седници на Владата“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Објавувањето на одлуката во „Службен весник“, велат од СДСМ, е исто така вообичаена пракса и процедура независно од постапката за објавување на сублимарниот записник од владините седници.

 

 

 

11.05.2018 - 23:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега