Влатко Ѓорчев: Забрзано се засилува анти-владиното расположение кај народот

Опозициската ВМРО ДПМНЕ смета дека секојдневно забрзано се засилува анти-владиното расположение, што пак за нив е предизвик за новата политика на новото раководство на партијата.

Пратеникот Влатко Ѓорчев, во интервју за Прес24, вели дека во завршни фази се подготовките за големиот протестен митинг, кој треба да го акумулира незадоволството од власта.

-Па, не се веќе нова влада, им помина цела една година во која буквално ништо не направија. Им поминаа првите 100 дена, им поминаа вторите 100 дена, им поминаа и третите 100 дена. И, што направија? Буквално ништо. Ниту една бандера немаат направено, една шајка немаат заковано.  Да, се планира поголем протестен митинг, а за точните детали и тајмингот ќе се одлучи деновиве. Факт е дека се засилува анти-владиното расположение кај народот, а тоа го констатираат и најголемите мегафони на СДСМ. Пораките ќе ги упати претседателот Мицкоски, а тоа всушност ќе биде платформата на ВМРО-ДПМНЕ, вели Ѓорчев во интервјуто.

Тој потенцира дека термините „Хунта“ и „Картел“, што опозицијата ги користи за власта се заслужени. Ѓорчев во интервјуто најавува и многу проактивна улога на опозицијата следниот период.

- Ќе се обидеме уште повеќе да комуницираме со народот, повеќе да ги чуеме нивните потреби, сугестии и желби. Ќе бидеме многу поактивни на интернет и во социјалните медиуми, со особен акцент на помладите гласачи. Ќе треба да ги подобриме резултатите во Скопје, но и во повеќе други места. Ќе треба да се вратиме на убедливите победи во помалите средини и населени места. Ќе треба повеќе да учествуваме во дебати и ТВ соочувања... Ќе се бориме. Нема предавање, нема откажување, затоа што ова се важни времиња за Македонија. Народот игра на домашен терен и тој е победникот. Народот е каменот, а водата поминува, вели Влатко Ѓорчев во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24:  Помина една година од изборот на новата влада. Позициите на ВМРО ДПМНЕ се познати, но сепак, што според Вас е најспорно во функционирањето на оваа Влада?

ЃОРЧЕВ: Спорни се многу работи, но особено пречат неколку работи: запоставувањето на македонските интереси по сите линии, отсуство на било каква идеја што да се прави во економијата, катастрофалната кадровска политика, жестокиот политички прогон и немањето намера да се реализираат бројните дадени ветувања. Главна нивна преокупација е секој ден да ја спасуваат коалицијата, а сето останато за нив е сосема споредно. 

ПРЕС24: Како термин, со кој изминатиов период го оценувавте владиното мнозинство, прво користевте термин„Хунта“, а сега користите „Картел“ .. Тоа е како пандан на она „Фамилија“ што СДСМ како опозиција го користеше, или?

ЃОРЧЕВ: Со своето однесување власта дава поводи и причини за епитетите кои ги добива. Брзината и жестокоста со кои оваа власт се пресметува со сите кои имаат различно мислење е досега невидена овие 28 години, но тоа веќе не дава резултати. Народот чека некој аир, некој ќар од актуелниве, а тоа едноставно го нема. Затоа разочарувањето се зголемува. Плус, на тоа треба да се додадат бројните афери и се добива пошироката слика. 

ПРЕС24: ВМРО ДПМНЕ најавува некоја форма на протестен митинг со цел изразување незадоволство од новата Влада? Има ли одлука кога тоа ќе се случи и кои ќе бидат клучните пораки и барања?

ЃОРЧЕВ: Па, не се веќе нова влада, им помина цела една година во која буквално ништо не направија. Им поминаа првите 100 дена, им поминаа вторите 100 дена, им поминаа и третите 100 дена. И, што направија? Буквално ништо. Ниту една бандера немаат направено, една шајка немаат заковано.  Да, се планира поголем протестен митинг, а за точните детали и тајмингот ќе се одлучи деновиве. Факт е дека се засилува анти-владиното расположение кај народот, а тоа го констатираат и најголемите мегафони на СДСМ. Пораките ќе ги упати претседателот Мицкоски, а тоа всушност ќе биде платформата на ВМРО-ДПМНЕ.

ПРЕС24:  Во овој период како опозиција ВМРО ДПМНЕ имаше некои потези на внатрешно реструктуирање, дали од Конгресот до сега се завршени клучните внатрепартиски реформи?

ЃОРЧЕВ: Завршени се поголем број на партиски реформи. Од ИК и ЦК, преку поголем број на општински комитети, до делот на комисиите на ВМРО-ДПМНЕ. Се разви и засилена меѓународна активност, во која активно беше вклучен претседателот Мицкоски. Има уште доста работа, но мислам дека темпото е добро и човечкиот потенцијал е солиден. 

ПРЕС24: Досега сте главно насочени кон секојдневни критики за работата на Владата, но како да недостасува елементот на понуда.  Дали и кога може да   се очекува некоја платформа, програма за тоа во кој правец ќе се движи ВМРО ДПМНЕ?

ЃОРЧЕВ: Тоа првенствено ќе го работат комисиите на ВМРО-ДПМНЕ, во кои има навистина голем број на солидни кадри, со големо искуство и резултати. Таму ќе се подготвуваат главните решенија за државните проблеми. Комисиите се тематски поделени, по области и од нив веќе има солидни предлози и решенија, а правецот на движење? Тоа секако ќе биде кон победа на избори, затоа што секој ден на оваа власт е зијан, голема загуба за Македонија. Народот ќе си ја врати државата која ја киднапираа грст, шака политичари со нивните пазари и коалиции. 

ПРЕС24: Следната година има редовни претседателски избори. Дали ВМРО ДПМНЕ размислува и за опција на предвремени парламентарни избори во овој термин?

ЃОРЧЕВ: Тоа ќе зависи од власта и нивното мнозинство, кое очигледно е прилично тесно. Самиот СДСМ има одвај 33 пратеници, а за да дојде до 61 направи еден куп трули компромиси, пазарења и непринципиелни, скандалозни потези со кои себеси жестоко се компромитираше. И, тоа продолжува секој ден. Пример за тоа се дури 55-те советници на Зоран Заев. СДСМ и Заев си ја спасуваат коалицијата и ја одржуваат власта по секоја цена, без оглед на штетите, а тоа на народот веќе му оди на нерви. 

ПРЕС24: Имате ли кандидат кој би бил најсоодветно решение за нов претседател на државата?

ЃОРЧЕВ: Секогаш сме имале одлични кандидати. Процедурата ќе биде спроведена демократски како и во досегашните постапки, така што сигурен сум дека ќе го имаме најдобриот кандидат. Ќе треба да се врати надежта и вербата во Македонија, затоа што моментално разочарувањата и малодушноста се раширени. Државата е парализирана, проектите се запрени, државните и националните интереси се во аут. Ќе треба да се испрати порака на надеж, охрабрување и пркос. И, народот ќе го слушне и препознае тоа.

ПРЕС24: Размислува ли новото раководство за некаква форма на влада во сенка, како опозициско дејствување?

ЃОРЧЕВ: Има повеќе форми на опозиционо дејствување, а во нашиот случај тежиштето е ставено на претседателот на партијата Мицкоски, ИК, ЦК, комисиите и општинските комитети. Сите овие структури ќе продуцираат и поголем број на активности, и поголем број на документи. Наспроти неспособноста и аматеризмот на власта на СДСМ, структурите на ВМРО-ДПМНЕ ќе создадат многу подобра политичка понуда. 

ПРЕС24: Што е она што новото ВМРО ДПМНЕ ќе го понуди како различна политика од она што беше карактеристика на претходното раководство, а за кое имаше доста критики во јавноста?

ЃОРЧЕВ: Факт е дека се прави освежување во кадровската политика, дека се нудат повеќе нови луѓе, со истовремено задржување на оние кои имаат поголемо искуство и километража. Ќе се обидеме уште повеќе да комуницираме со народот, повеќе да ги чуеме нивните потреби, сугестии и желби. Ќе бидеме многу поактивни на интернет и во социјалните медиуми, со особен акцент на помладите гласачи. Ќе треба да ги подобриме резултатите во Скопје, но и во повеќе други места. Ќе треба да се вратиме на убедливите победи во помалите средини и населени места. Ќе треба повеќе да учествуваме во дебати и ТВ соочувања... Ќе се бориме. Нема предавање, нема откажување, затоа што ова се важни времиња за Македонија. Народот игра на домашен терен и тој е победникот. Народот е каменот, а водата поминува.

ПРЕС24: Овој период се очекува разрешница на засилената агенда на Владата за барање решение за името со Грција. Од успехот или не успехот на овој преговарачки процес, ќе зависат и многу политички текови во државата. Што ВМРО ДПМНЕ е подготвено да поддржи, а што не во тој договор со Грција?

ЃОРЧЕВ: Нашите позиции се познати и конзистентни. ВМРО-ДПМНЕ е единствената поголема партија која има јасен, доследен и конзистентен став изминативе 10 години, јасно напишан во партиската програма која што е верифицирана на избори. За жал, во моментов со владата на Заев и СДСМ Македонија нема црвени линии буквално за ништо. Грчката страна тоа го гледа и го констатира, и затоа ги имаме најлошите предлози во македонската дипломатска историја и во овие 27 години независност. Во дело се спроведува стратегијата за виткање на кичмата, но народот е тој што го има последниот збор.

М.Н.

 

 

 

15.05.2018 - 09:10
Фото: 
ВМРО-ДПМНЕ

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега