Две лица загинаа, три деца се борат за живот по сообраќајката во кочанско

Една жена почина, три деца се борат за живот во Ургентниот центар во Скопје, од вкупно 12-те донесени во Скопје по тешката сообраќајна несреќа што се случи вечерва во близина на кочанското село Оризари.

Едно од децата е во многу критична, коматозна состојба, а во животна опасност се уште пет лица. Едно лице е хоспитализирано на Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“. Од Општата болница во Кочани информираат дека три деца се на интензивна нега во таа здравствена установа и се во стабилна состојба.

Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров вечерва ги посетија повредените во Ургентниот центар.

- Се преземаат сите мерки, целиот систем е мобилизиран, докторите даваат се од себе. Сите екипи се повикани. Сите повредени се згрижени, главно се невролошки повреди. Веројатно вечерва ќе има и интервенции. Три деца се сместени на Детска хирургија, тие не се во толку тешка здравствена состојба, додаде Тодоров.

Според Зоран Зафиров, портпарол на СВР-Штип,  до несреќата дошло откако трактор со кој се превезувале 16 лица, повеќето малолетници кои биле на излет, се превртел во близина на местото Илин дол на патот меѓу кочанските села Пресека и Оризари. Несреќата се случила околу 19 часот и 30 минути. Возачот на тракторот загинал на местото на несреќата.

Во тек е истрагата на местото на настанот. Според првичните информации, децата кои се превезувале во приколката на тракторот се од кочанското село Грдовци. 

ФОТО: Курир