Ставил пиштол во тренерките и отишол да беснее - хаос и пискотници во скопска сендвичара

Скопјаните К.А. (24) и П.М. (42) си заработија кривични пријави, откако минатиот месец направиле вистински хаос во сендвичарата „13-ка“ во Трубарево

Како што информираат од полицијата, К.А. и П.М. седеле во „13-ка“, кога К.А. се збеснал и без причина почнал да фрла пивски шишиња кон соседната маса на која седеле двајца скопјани. Иако скопјаните го смирувале бесниот К.А., овој не сакал да се смири и заминал во својот дом од каде земал пиштол. Вооружен и лут, тој се вратил во сендвичарата, го извадил пиштолот од џебот на тренерките и почнал да им се заканува на скопјаните кои претходно ги провоцирал. Гостите и вработените во сендвичарата се преплашиле, почнале да викаат и да бегаат, па, К.А. си го ставил пиштолот во џеб и избегал.

Откако полицијата ги привела К.А. и неговиот пријател, тие раскажале што се случило. К.А. признал дека откако избегал од сендвичарата го фрлил пиштолот во реката Вардар.

Од извршените проверки, полицијата утврдила дека другарот на К.А., П.М. не минува во казнената евиденција на СВР Скопје, додека против К.А. се поднесени три кривични пријави за сторени кривични дела од областа на имотните деликти.  

15.09.2013 - 13:38