Сведоштво за протестот: Полицијата ме искрши, а не направив ништо

 

Александар Вучковски кој пред две недели протестирал пред Собрание, држејќи го во рацете македонското знаме и бранејќи го името и државата, бил нападнат од полицијата која ја растерувала толпата што фрлала со тврди предмети кон нив, објави „Макфакс“. Како што вели Вучковски за „Макфакс“ до него имало и возрасни жени и девојки, кои исто така биле нападнати со палки.

„Тргнаа кон нас. Нè прегазија. Тогаш почнаа ударите. Прво ме удрија по дланката со која го држев знамето, потоа се лизнав и паднав па почувствував пет-шест удари по рамена, плешка, ‘рбет, грб и нозе. Успеав да станам на нозе и се тргнав. Се повлеков, во тој момент почувствував многу големи болки. Не можев повеќе да дигнам рака, ниту да го земам телефонот“, сведочи Вучковски за протестот пред две недели.

Тој тргнал кон Градската болница и бидејќи имало метеж, решил да повика пријател за да го однесе во друга клиника. Кога стигнал до својот автомобил, на паркингот 15 полицајци почнале да ги бркаат него и неговиот пријател, а потоа ги уапсиле.

„Почнаа да викаат „Фатете ги, држете ги, да не бегаат“, а ние се упатувавме кон возилото, не бегавме. Кога ве бркаат, инстиктивно се повлекувате на страна, но не бегавме. Застанаа околу нас и нè турнаа на земја. Јас почнав да врескам ‘Оставете нè, си одиме дома. Што правите?’ Почнаа да ми ставаат лисици, не давав отпор. Дури му помогнав бидејќи имаше проблем со лисиците, односно не се затвораа. Додека зборував, а главата ми беше на асфалт, а рацете позади грб, не знам од која причина, веројатно за да биде сигурен, ми прсна солзавец во лице. Ме печеше, ми навлезе во уши, нос, уста. Комплетно непотребно“, раскажува Вучковски за „Макфакс“.

Вучковски заедно со своите пријатели бил однесен во притвор. Таму останал 24 часа, иако имал скршеници на телото. Му била понудена лекарска помош која најпрво ја одбил бидејќи мислел дека брзо ќе ги ослободат и сам ќе отиде во болница, за потоа да прифати.

 

 

 

25.06.2018 - 19:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега