Тодоров на Регионалниот комитет на СЗО за Европа

Македонскиот министер за здравство Никола Тодоров ќе има свое обраќање на 63. годишна сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа. На седницата на Комитетот која започнува денеска во Чешме, ќе учестуваат над 300 претставници  од 53 земји-членки на СЗО во европскиот регион меѓу кои и министри за здравство.  

Седницата е во организација на турската Влада и на неа се очекува да се разговара за стратегии и акциски планови за решавање проблеми од јавното здравство на национално и на регионално ниво.

Учесниците на седницата ќе зборуваат за: Здравје 2020 - негова имплементација и рамка за мониторинг, како и доставување на извештајот за социјалните детерминанти на здравјето и здравствените разлики меѓу земјите во европскиот регион на СЗО; Европски акциски план за ментално здравје за 2014-2020; Забрзан акциски план за елиминација на мали сипаници и рубеола; Реформа на СЗО; и Регионална рамка за надзор и контрола на инвазивни вектори (комарци) и за вектор преносливи болести кои повторно се појавуваат.

Тодоров вчера во Чешме оствари средба со директорот на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа Сузана Јакаб на која беше потпишан заедничкиот Двегодишен договор за соработка меѓу Министерството за здравство и СЗО-Регионална канцеларија за Европа за периодот 2014-2015 година. Договорот се фокусира на техничката поддршка за имплементација на новиот Оперативен план во здравството до 2020 година, како и во областа на незаразните болести. 

16.09.2013 - 08:35