Дескоска: Независноста на судството претставува клучен сегмент за создавање на систем на владеење на правото
Дескоска се обрати во рамки на првата сесија: Зајакнување на владеењето на правото, реформа во администрацијата и правосудството, борба против корупцијата и изрази задоволство за можноста да се обрати оваа конференција посветена на зајакнувањето на Европскиот мировен проект преку евроатлантската интеграција на Западен Балкан, соопшти министерството за правда.
Таа истакна дека независноста на судството претставува еден од клучните сегменти за создавање на систем на владеење на правото.
- Прифаќањето и почитувањето на овој фундаментален принцип несомнено придонесува за зголемување на довербата во правниот систем. Токму затоа, најновата Стратегија на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година, посебен акцент става на реформските активности на полето на владеењето на правото. Во целиот овој процес особено е нагласена улогата и значењето на Министерството за правда во фазата на спроведувањето на реформите во правосудството – рече Дескоска.
Министерката за правда дополни дека изминатите години во бројни извештаи на меѓународните организации, меѓу кои и оние на Европската унија, Стејт Департментот и особено двата извештаи на Прибе, било нотирано дека системот на владеење на правото и независноста на судството се целосно деградирани.
-Водејќи се од овие лоцирани слабости, Владата на Република Македонија донесе Стратегијата за реформа во правосудниот сектор со Акциски план за 2017-2022 и отпочна реформи на судскиот систем кои треба да придонесат за враќање на довербата во институциите, обезбедување правна сигурност, заштита на човековите слободи и права и создавање на атмосфера на слободно судство, без какви било политички притисоци.
Примарна цел ни е возобновување на начелото на владеење на правото, на јакнење на самостојноста, независноста и непристрасноста на судството и јавното обвинителство, реформирање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, зголемување на ефикасноста на судството, односно европеизација на судството и јавното обвинителство преку воведување на европските институционални и процесно-правни, менаџерски и други стандарди во функционирањето на судството, јавното обвинителство и адвокатурата, подготовка на судиите и јавните обвинители за нивно функционирање во единствениот европски простор на правда, доследна примена на Европската конвенција за човековите права и другите меѓународни конвенции за човековите права и слободи, како и усогласување на материјалните и процесните закони со правото на ЕУ и хармонизација со законите на државите членки на ЕУ – рече Дескоска.
Според министерката за правда, функционалната демократија е најголемиот партнер на стабилноста во една држава, но и обратно, нејзината отсутност и нефункционалност е закана за демократијата.
Таа дополни дека давањето надеж за евроатлантските интеграции на Македонија ќе ги загарантира и стабилизира заложбите на Република Македонија и нејзината траекторија за создавање на правна држава и систем на владеење на правото.
Реформите го стабилизираат и зацврстуваат општественото ткиво на земјата, но, исто така, даваат свој придонес кон одржувањето на стабилноста на целокупниот регион. Во минатото бевме сведоци како губењето на фокусот за евроатлантските интеграции негативно влијае врз развојот на нашата држава, и ја отвора пандорината кутија не само во Македонија, туку и на Балканот – дополни Дескоска.
Дескоска потенцираше дека пред Република Македонија има пакет решение: ЕУ и НАТО, или нова голема неизвесност, и дополни дека поддршка што ја добива Република Македонија значи и бескомпромисна борба против корупцијата, создавање на независно, непристрасно судство како гаранција на демократијата и владеење на правото.
На крајот на обраќањето, Дескоска потенцираше дека донесувањето закони и усвојување програми, стратегии и акциони планови се само едно камче од мозаикот на реформите во правосудството.
-Подигањето на свеста во општеството и почитувањето на системот на вредности се останатите сегменти од овој мозаик и претставуваат темелот на владеењето на правото. Затоа, нашите идни активности преку лични примери ќе бидат насочени кон исполнување на овие цели, рече Дескоска.
Програмата Рос-Рот за соработка со парламентите на Централна и Источна Европа (ЦИЕ) е за прв пат иницирана во 1990 година од тогашниот претседател на собранието на НАТО конгресменот Чарли Рос и сенаторот Бил Рот. Првичната цел на програмата била да им помогне на земјите-партнери на НАТО од Централна и Источна Европа со процесот на транзиција и воведување на демократијата со спроведување на обемни политички и економски реформи. Програмата еволуираше за да ги вклучи парламентарците од сè поголем број земји кои не се членки на НАТО. Денес таа има за цел да ја зголеми парламентарната свест, да послужи како платформа за градење контакти размена на искуство и експертиза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа