ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави против Заев, Димитров, Џафери и пратениците кои гласаа за потпишаниот договор со Грција
ВМРО-ДПМНЕ до Јавното Обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, против Никола Димитров, против Талат Џафери, како и против сите пратеници кои што гласаа за овој капитулантски, противуставен и противзаконски договор потпишан со Република Грција, велат од партијата.
-Во кривичната пријава се гонат по четири основи за сторени кривични дела: Велепредавство, согласно член 305 од Кривичниот законик на Република Македонија; Загрозување на независноста, согласно член 308 од Кривичниот законик на Република Македонија; Здружување заради непријателска дејност, согласно член 324 став 1 и 2 од Кривичниот законик на Република Македонија; и Злоупотреба на службената положба и овластување, согласно член 353 став 1,2 и 3 од Кривичниот законик на Република Македонија, се наведува во соопштението од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека сите овие дела кои им се ставаат на товар се поткрепени со соодветни докази кои се приложени во склоп на пријавата.
-Јасно е дека и чинот на договарањето на капитулантскиот договор, и носењето на Законот за ратификација е кршење на повеќе закони, на Уставот и воопшто обид за изигрување на целиот правен систем во Република Македонија, со обид за изигрување на опозицијата, на јавноста и на Претседателот на државата. ВМРО-ДПМНЕ очекува Јавното Обвинителство и судскиот систем да го надминат стравот, да се одважат пред политичкиот притисок и да постапат согласно законите и професионалниот интегритет, процесуирајќи ја пријавата и да одмерат соодветни казни за сторителите на овие дела. Воедно, потсетуваме дека вакви дела не застаруваат, се наведува во соопштението на партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа