ФОТО: Фалц телефони и патики и многу девизи - погледнете го пленот на македонската Царина
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија царинска измама и спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, фалсификати, текстил и автоделови. Покрај тоа откриени е и царинска измама и 24 илегални патници.
Задржана е следната стока:
Девизи
- 131 илјади норвешки круни (противвредност на 16.273 евра), откриени на царинската испостава Богородица-патнички промет, при контрола на патничко возило со македонски таблички, со кое за влез во државата се пријавија македонски државјанин, како возач и норвешки државјанин како патник. Патниците изјавија дека немаат што да пријават за царинска контрола, но при извршениот преглед на возилото, во внатрешните џебови од јакната, сопственост на норвешкиот државјанин, оставена на задното седиште пронајдени се вкупно 211,5 илјади норвешки круни, што претставуват противвредност на 26.273 евра. Согласно Законот за девизно работење, 80,5 илјади круни, што се противвредност на 10 илјади евра, му се вратени, а 131 илјади круни се задржани.
- 16.000 американски долари, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби и личен претрес на македонски државјанин, кој допатува со лет на WIZZ AIR од Mulhouse, Франција. Иако се определи за поминување на зелен канал, патникот е селектиран за детална контрола, при што кај него се пронајдени 10 илјади евра и 16 илјади американски долари. Согласно Законот за девизно работење, 10 илјади евра му се вратени, а 16 илјади американски долари се задржани.
- 300 илјади албански леки (2.150 евра), откриени на царинската испостава Ќафасан-патнички промет, при контрола на патничко возило со бугарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Патникот пријавил дека со себе носи 1.400.000 леки (противвредност на 10 илјади евра), но при контрола на возилото, во две патни торби и под возачкото седиште пронајдени се вкупно 1.700.000 леки, што се против вредност на 12.150 евра. Согласно Законот за девизно работење, 1.400.000 леки (противвредност на 10 илјади евра) му се вратени, а 300 илјади леки се задржани.
Царинска измама
На царинската испостава Гевгелија откриена е царинска измама, при што со намерно погрешно тарифирање на стока, се избегнати царински давачки во износ од над 5 милиони денари.
Во повеќе наврати во текот на 2012 и 2013 година, на царинската испостава Гевгелија, фирма од Скопје пријавила за увозно царинење „Нови надворешни камионски гуми“, од кои во 7 случаи, гумите се декларирани како „Гуми за дампери“, за што согласно Царинската тарифа се пропишани стапка за царински давачки од 0 % и стапка на ДДВ 18%.
При дополнителна проверка на приложените документите во царинските декларации, од
описот на стоката, каде се изразени димензии, квалификации и индекс на полнење на гумите, утврдено е дека не се работи за гуми за дампери, туку гуми за камиони што имаат индекс на полнење поголем од 121, и се распоредуваат во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 8 % и стапка за ДДВ 18%..
Царинската испостава, до Службата за царинско управна постапка, поднесе предлог за дополнителна наплата на царинскиот долг.
Фалсификати
- 3.070 пара спортски обувки (машки и детски патики) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Богородица, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со обувки со потекло од Дубаи, пријавено за влез во државата. Сомнителната стока била наменета за фирма увозник од Косово.
- 3 мобилни телефони со лого на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи, при контрола на поштенски пратки, на царинската испостава Пошта Скопје.
Во првиот случај, во пратка пристигната од Хонг Конг,пронајдени се 2 мобилни телефони, наменети за физичко лице од Штип, а во вториот случај во пратка пристигната од Сингапур, пронајден е 1 мобилен телефон, наменет за физичко лице од Прилеп.
Текстил и автоделови
- 125 капи, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Дубаи.
- 1 употребуван диференцијал за товарно возило, откриен при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Делчево. Непријавената стока е пронајдена во просторот за палети на возилото.
Мигранти
Во текот на минатата недела откриени се и 24 илегални патници, од кои 20 во внатрешноста на државата и 4 на железничката станица Гевгелија.
Во првиот случај, при контрола на комбе со македонски регистарски таблички, извршена од страна на мобилните царински тимови, во товарниот дел пронајдени се 20 патници, илегални мигранти, од кои 10 државјани на Авганистан и 10 државјани на Сомалија. Контролата е извршена на патниот правец Валандово – Дојран, на клучката каде се двои патот Дојран и Струмица. Возачот и совозачот, двајцата македонски државјани, мигрантите и возилото се предадени на полициските службеници од полициската станица на граничниот премин Стар Дојран за понатамошна постапка.
Во вториот случај, на железничката станица Гевгелија, при контрола на товарен воз што сообраќал на релација Грција-Австирја, во подвозјето на еден од вагоните,откриени се 4 патници, државјани на Сирија, при обид илегално да влезат во државата.
(Интегрален текст од соопштение на Македонската Царина)