Дете со посебни потреби не добило апаратче за слух поради штетен Закон
Петгодишно дете со посебни потреби и со 90% оштетен слух не добило апаратче за слушање, бидејќи неговите родители немале здравствено осигурување без прекин од 6 месеци, објави „НОВА ТВ“.
Не помогнало ниту тоа што неговата мајка по прекинувањето на работниот однос се пријавила во Агенцијата за вработување, а ниту тоа што таткото се вработил и здравствено е осигурен.
„На детето му се вградени импланти и секој месец треба да добива батерии за слушниот апарат за да може да комуницира и да му се развие говорот. Станува збор за детенце од 5 години, кое дури сега почнува да зборува“ вели заменик Народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.
Таа вели дека доставен е допис до министерот за здравство Венко Филипче преку кој се бара да се измени одредбата во Законот за осигурување, која ги условува граѓаните со 6-месечно непрекинато здравствено осигурување, за да имаат права на оропедски помагала, и други права кои им се загарантирани со закон.
„ Доставивме иницијатива со предлог за преземање мерки за измена на Законот за здравствено осигурување, аналогно на тоа и на Правилникот за користење на ортопедски помагала кој содржи одредба која е на штета на граѓаните и ги условува со шестмесечно непрекинато здравствено осигурување за остварување на права на ортопедско помагало“ кажа Бајрамовска – Мустафа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа