Денко Малески: Ако не помине Договорот во следниот ќе нема Macedonians

Во судирот помеѓу македонскиот и грчкиот национализам околу античкото минато, едната страна мораше да капитулира. За оние кои малку се разбираат од меѓународната политика секогаш било јасно која ќе биде таа – послабата, вели во интервју за Прес24, универзитетскиот професор Денко Малески. Екс министерот за надворешни, вели дека тоа мораало да го знаат творците на македонската антиквизација кои ги поставија темелите на нашиот идентитет на почва која Грците ја сметаат за дел од својата култура и историја.

-Така, без оглед на нивните намери, тие ја доведоа својата држава и својата нација во голема невоља. Решение, значи, беше можно само ако македонската страна се откаже од античките Македонци и се определи за словенскиот јазик како белег на нашиот идентитет. Значи, било каква варијанта ќе предизвикаше внатрешна поделеност, зашто единственото можно решение беше откажување од антиката, вели професорот по меѓународна дипломатија, образложувајќи ја причината за поделеноста во општеството.

Професорот Малески вели дека ако овој Договор не помине на референдум, следниот ќе биде многу полош за Македонија.

-Ако не помине овој договор, наредниот ќе биде уште потежок за нас. Нема да има Macedonians и  Macedonian language, преведено на сите јазици, туку Makedontsi и Makedonski, со латинична транскрипција. Можете да ме држите за зборот, вели Малески за Прес24.

-Договорот е производ на една уникатна ситуација на поклопување на интересите на западните сојузи визави руското влијание , со нашиот интерес да станеме нивни членки, но и на политичката криза во Македонија и економската криза во Грција која ги прави двете влади податливи на надворешен притисок. Растеретеноста на Заев и Ципрас од националистичките митови и храброста да се спротивстават на сопствените национализми, исто така е важен дел од успешната формула, вели Денко Малески, универзитетски професор во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Договорот од Преспа, како што веќе доби име, предизвика сериозна поделеност во општеството. За почеток сакам да Ве прашам, дали ваква поделеност и на политички и граѓански аспект, ќе предизвикаше какво било решение на спорот меѓу Македонија и Грција, или пак оваа поделеност е резултат на ова решение?

МАЛЕСКИ: Се разбира, најдобро ќе беше ако партиите и претседателот да постигнеа внатрешен консенсус, но, тоа се покажа како невозможно. Во судирот помеѓу македонскиот и грчкиот национализам околу античкото минато, едната страна мораше да капитулира. За оние кои малку се разбираат од меѓународната политика секогаш било јасно која ќе биде таа - послабата. Тоа мораа да го знаат творците на македонската антиквизација кои ги поставија темелите на нашиот идентитет на почва која Грците ја сметаат за дел од својата култура и историја. Така, без оглед на нивните намери, тие ја доведоа својата држава и својата нација во голема невоља. Решение, значи, беше можно само ако македонската страна се откаже од античките Македонци и се определи за словенскиот јазик како белег на нашиот идентитет. Значи, било каква варијанта ќе предизвикаше внатрешна поделеност, зашто единственото можно решение беше откажување од антиката.

ПРЕС24: Ерга Омнес употребата и уставните измени се главните причини за отпорот, и тоа е нешто што веројатно никој, или многу малку луѓе воопшто и размислувале дека Македонија ќе мора да го прифати. Реално, можен ли беше договор без овие две компоненти?

МАЛЕСКИ: Веќе не. Ние, имено, самиот поим „Македонија“ го исполнивме со таква (Античка) содржина, што цената на договорот беше ерга омнес и уставни промени. Доколку доброволно го направевме она што сега го правиме под принуда, да се дистанцираме од нивното културно и историско наследство, Грците нема да имаа случај ниту за промена на името на државата. Во таа смисла, политиката која македонската држава ја водеше изминативе десетина години, целосно им одеше во прилог на Грците да го извлечат максимумот во договорот, поддржани од светското јавно мислење кое на нас гледаше како крадци на туѓа историја.

ПРЕС24: Многумина сметаат дека Македонија избрза и дека веројатно договор под притисок за членство во НАТО и преговори со ЕУ, беше најлошата политичка и дипломатска стратегија во преговорите. Држи ли таа теза, и дали пролонгирање на решението можеше да донесе и подобро решение?

МАЛЕСКИ: Македонија задоцни. Ако не помине овој договор, наредниот ќе биде уште потежок за нас. Нема да има Macedonians и  Macedonian language, преведено на сите јазици, туку Makedontsi и Makedonski, со латинична транскрипција. Можете да ме држите за зборот.

Договорот е производ на една уникатна ситуација на поклопување на интересите на западните сојузи визави руското влијание , со нашиот интерес да станеме нивни членки, но и на политичката криза во Македонија и економската криза во Грција која ги прави двете влади податливи на надворешен притисок. Растеретеноста на Заев и Ципрас од националистичките митови и храброста да се спротивстават на сопствените национализми, исто така е важен дел од успешната формула.

ПРЕС24: Одлуката на ЕУ за пристапните преговори дојде како бумеранг. Очекувањата се дека со НАТО ќе биде нешто малку поинаку, но како што стојат работите и таа покана би била условена, веројатно со реализација на договорот и успешен референдум. Колку со ваков однос на Брисел може да се очекува успешен референдум, бидејќи лесно се препознава фрустрираност кај населението од односот пред се на ЕУ?

МАЛЕСКИ: Населението на Македонија може да биде фрустрирано со колебливоста на своите политичари да го направи овој чекор многу порано , но и со децениската злоупотреба на неговите патриотски чувства за победа на избори. Сега изборот е дали сакаме да одиме напред, па макар во непознато, но со шанси за поголема безбедност и благосостојба или назад кон кризи и заробена држава. Оти, да бидеме на чисто: вон од ЕУ и НАТО, вон од овие интеграции, изолирана Република Македонија не може да произведе многу повеќе безбедност и благосостојба за своите граѓани. Тој факт, пак, ја доведува под знак прашање и смислата на постоењето на државата, зашто државите постојат заради безбедноста и благосостојбата на нивните граѓани. Инаку, се во меѓународните односи е условено, па подобро е да ве условуваат западните демократии да заличите на нив и вредностите кои ги споделуваат, отколку на некој друг.

ПРЕС24: Референдумот веројатно ќе биде септември според најавите на Премиерот... Но, Вие како искусен дипломат, штом мислите кое референдумско прашање би било најсоодветно, и дали тоа би требало да биде исклучиво само околу поддршката или не на договорот или да биде прашање кое ќе биде и во контекст на евро-атланските интеграции?

МАЛЕСКИ: На референдум, обично се одговара со „да“ или со „не“. Објаснувањето кое што треба да претходи е на линија која ја кажав порано: сакате ли напред или назад и што не чека напред, а што назад.

ПРЕС24: Опозицијата смета дека овој референдум мора да биде задолжителен, што веројатно треба да значи обврзувачки. Во такво случај е потребно мнозинство гласови. Некои сметаат дека консултативен референдум е најдобрата опција... За да има полн легитимитет целиот процес кој тип на референдум Македонија треба да спроведе, затоа што веројатно не е доволно само да биде постигнат цензус од 50% плус 1, туку и јасна изразена воља на граѓаните дека се за овој договор?

МАЛЕСКИ: Своевремено зборував дека политичарите не смеат да се кријат зад народот, туку самите да ја донесат одлуката. Проектот ЕУ, на пример, е производ на политичките елити, и прашање е дали би се остварил ако, по Втората светска војна, се прашале закрвените народи на Западна Европа. Но, партиите на Македонија се изјаснија за референдум и дадениот збор мора да се почитува. Модалитетите треба да се изработат за да се разбере вистинската воља на народот, бидејќи тој, а не политичарите, ја превзема крајната одговорност.

ПРЕС24: Ве прашувам поради можноста референдумот да биде успешен со цензус и на него да гласаат околу 1 милион граѓани, но резултатите да бидат педесет до сто илјади гласови разлика. Што во таква ситуација?

МАЛЕСКИ: Ништо. И еден глас повеќе од половина одлучува. Кога жителите на Квебек гласаа за независност од Канада, резултатот беше некаде 51 спрема 49, за останување, и сите ја прифатија одлуката како задолжителна, без оглед како лично гласале. Бројни се примерите кога граѓани на демократски држави достоинствено се поклонуваат пред вољата на мнозинството, без оглед на тесниот резултат. Кон такво поведение треба да стремиме и ние.

ПРЕС24: Во целата ситуација постојат и уште две опасности за неуспешност на договорот, едната е претседателот Ѓорге Иванов повторно да не стави потпис на указот за ратификација на договорот. Владата вели и без негов потпис е можна ратификација, но не кажува како?

МАЛЕСКИ: Разбирливо е што претседателот е против Договорот со Грција. Тој, со поништувањето на политиката на антиквизација, практично ги поништува неговите два претседателски мандати. Од тој чин, до прашањето што мислел кога ја повел државата во таа, погрешна, насока, не дели само еден чекор. Но, она што тој не смее да го прави, е да ја попречува самата логика на демократскиот политички систем: променливи партиски водства, со мнозинство во парламентот, кои внесуваат промени во државната политика. Македонија, имено, има нова државна политика. Со одбивањето да го потпише декретот за стапување на сили на Договорот, тој има право само да го опомене парламентот да размисли уште еднаш. Но, ако претставниците на народот повторно го изгласаат, тој е должен да потпише. Нема право да го попречува функционирањето на демократскиот систем, туку мора да се поклони пред него. Може јавно да образложи зошто мисли дека владата греши, но мора да потпише. Инаку, веќе реков, го блокира системот, а блокиран систем може да му експлодира во лице и да предизвика криза во државата. На крајот, секогаш може да поднесе оставка во знак на протест. Смее да прави се, само не да го блокира текот на демократско одлучување. Тоа го налага неговата уставна функција.

ПРЕС24: Другата опасност е Грција и можноста Ципрас да го изгуби мнозинството во Парламентот, но што е уште посериозно веќе следната година да падне од власт. Дали тоа може да значи и повторна блокада на македонските евро-атлански интеграции?

МАЛЕСКИ: Во желба за решение и под притисок на своите западни сојузници, Ципрас  се изјасни против референдум и за одлука со мнозинство гласови во парламентот. Се чини дека мнозинството  е обезбедено. Тоа е чин на голема лична храброст, ако се знае расположението на Грците кон „името“.Но, тоа е чин и на умен човек кој разбира дека ако не и пружи рака на младата балканска нација и држава, ако не и ги отвори вратите кон НАТО и ЕУ, ривалитетот на соседните држави но и на некои подалечни сили, како Турција или Русија, околу Македонија, како и внатрешно етничко и политичко раслојување, може да предизвика големи невољи за грчката држава. Се разбира дека владите ќе се менуваат во Грција и во Македонија. Токму затоа, сега е важно што побргу да седнеме на своето столче во НАТО алијансата и да почнеме преговори или подготовки за преговори со ЕУ. Тоа ќе му даде дополнителен легитимитет и на договорот од Преспа, кој, во Брисел и во Вашингтон е наречен историски.  А, кога западните сојузници ќе наречат еден меѓународен договор  историски, тоа значи дека и самите имале свој значаен удел во неговото потпишување

 

 

 

13.07.2018 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега