Заев-Фини: Зајакнување на соработката меѓу Македонија и Австралија во делот на инвестициите и економијата

Можностите за зајакнување на билатералната соработка помеѓу Македонија и Австралија, особено во делот на инвестициите и економијата беше, меѓудругото, тема на денешната средба на премиерот Зоран Заев и амбасадорката на Австралија за Република Македонија, Џулија Фини, која го завршува својот мандат.

Амбасадорката Фини, како што соопшти владината прес-служба, дала поддршка на интеграциските процеси на Република Македонија, што отвораат можности за поквалитетен живот за граѓаните во нашата држава.

- Перспективите што ги отворивме, со поканата за пристапни преговори за НАТО и најавениот датум за почеток на преговори со ЕУ, значат шанси за економски развој на Македонија и подобар животен стандард за граѓаните. Веќе има бројни инвестиции за коишто имаме потпишано договори, или сме во фаза на договарање, што значи повеќе работни места за граѓаните, како и повисоки плати. Македонија и Австралија ги поврзува дијаспората, но и одличното пријателство и постојат услови да се развие економската соработка од заеднички интерес, рекол премиерот Заев.

Тој најавил дека во периодот што престои уште посилно ќе се посвети на економијата во државава, по дипломатската активност којашто резултираше со отворени врати за евро-атлантските интеграции.

На средбата се разговарало и за актуелни политички прашања. Премиерот Заев го изнесе своето очекување дека граѓаните кои избраа демократски развој на Република Македонија, со европска и НАТО иднина, ќе дадат силна поддршка на продолжување на овие процеси, до конечна реализација на стратешките цели, интеграција во НАТО и ЕУ.

Премиерот Заев, во име на граѓаните на Македонија, и се заблагодарил на амбасадорката Фини за личните заложби и за принципиелната поддршка на Австралија во обновата на демократските капацитети на институциите во нашата држава.

Амбасадорката Фини на средбата посакала Македонија да продолжи да се развива во современо, модерно општество и добро место за живеење за своите граѓани. 

 

 

 

16.07.2018 - 16:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега