СДСМ: Смешно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за криминал

СДСМ како одговорна партија отсекогаш се залага и ќе се залага за рамноправност, еднаквост и доследно почитување на правилата. Никој не смее да биде фаворизиран, не смее да има судир на интереси, ниту пак расфрлање со народните пари, нешто што беше одлика на владеењеето на ВМРО-ДПМНЕ. Оттука, повикуваме да се проверат сите постапки и доколку се утврди каква била неправилност или конфликт на интереси, одлуките да бидат ревидирани и исправени.

Наместо да шири измислици и лажни, неосновани обвинувања, додека во позадина бара амнестија за криминалите, ВМРО-ДПМНЕ да одговори како и на кој начин стана најбогата партија во Европа со имот вреден 60 милиони евра додека Македонија тонеше во долгови.

ВМРО-ДПМНЕ, партијата што е симбол на криминал и корупција нема никаков кредибилитет да зборува за јавните набавки, бидејќи токму таа партија бесрамно делеше буџетски пари на партиски членови и послушници, меѓу кои и тендер од над еден милион евра на новинарка и уредничка на два медиума блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Јавноста многу добро знае како братучедот на Никола Груевски, Сашо Мијалков ја киднапираше целата македонска економија, како двоецот Јанакиески и Груевски договараа провизија од над 25 милиони евра за автопатите, како со милионски суми народни пари се поткупуваа и контролираа бројни медиуми.

Времето на таквото расипничко трошење на парите на граѓаните заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Владата предводена од СДСМ, како никогаш досега донесе модел на фер и транспаренти услови за сите, во кој сите имаат еднаков третман. Средствата повеќе не се делат поради нечија партиска припадност, туку добива оној којшто ги задоволува строгите и јавно објавени критериуми.

На првиот јавен повик од Планот за економски раст Фондот за иновации и технолошки развој додели грантови во висина од 10.5 милиони евра на 79 компании кои имаат вкупно околу 500 вработени и отвораат дополнителни 85 работни позиции.

Истовремено, неточни се шпекулациите на ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Кочо Ангушев. Вицепремиерот во целост го испочитува Законот за судир на интереси со стапување на функцијата и се откажа од управувачките функции во компаниите каде што има сопственост, во меѓувреме ја продаде компанијата ЕДС за да се избегне токму судирот на интереси, а целосно транспарентно го објави и анкетниот лист.

ВМРО-ДПМНЕ шири лаги и за тендерот на Министерството за здравство. За конкретниот тендер се уште нема одлука и смешно е да се бара негово поништување, бидејќи тој се уште не е доделен.

ВМРО-ДПМНЕ да не крева паника несоновано, правилата важат подеднакво за сите, а доколку се утврди каква било неправилност или судир на интереси ќе следува ревизија на одлуките. Економските политики на Владата предводена од СДСМ даваат реални резултати и тоа го гледаат сите, освен ВМРО-ДПМНЕ којашто останува заробена во матрицата на криминал, корупција и расипништво.

СДСМ, Центар за комуникации

 

 

 

21.07.2018 - 15:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа