„Пржинска влада“, но и гаранции за успешен референдум?

Владејачкото мнозинство било подготвено а се согласи на законски измени, кои ќе овозможат техничка влада по модел на „пржинската“, но под еден услов, објави Дојче веле.

Условот е ВМРО-ДПМНЕ да дае гаранции дека јавно ќе ги повика граѓаните на референдум, со цел процесот да биде успешен од аспект на обезбедување на неопходниот цензус. 

Како што пренесува Дојче веле повикувајќи се на свои извори, наводно ова било една од можните и последни понуди на лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната лиерска средба, во која се прават обиди да се дојде до решение за нов состав на ДИК, која треба да го спроведе референдумот.

Истите извори не исклучуваат можност дека Заев може а има и други „варијации“, со цел да се зајакне мотивацијата за успешен референдумски процес.

„Целта е на граѓаните да им се овозможи да го искажат нивниот став, и исходот од рефрендумот да биде израз на слободно изразена граѓанската волја. Од друга страна, со техничката влада по пржински модел и опозицијата би ги добила бараните гаранции за фер-изборен процес, кога и да се одржат тие, односно, без разлика дали станува збор за предвремени или за редовни избори“, велат од владејачкото мнозинство.  

Според истите извори, она што СДСМ сигурно нема да го прифати, е барањето за индиректна амнестија, кое се наметнало откако ВМРО ДПМНЕ доставила предлози за измена на Кривичниот законик во членот 353 за намалување на казните за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

„Доколку тоа барање се прифати, лица опфатени во дури 11 предмети на СЈО би биле автоматски амнестирани. Таква отстапка би значела уривање на правната држава, промовирање на неказнивост за дела од висок политички профил, охрабрување на криминалот, и што е недозволиво - ќе предизвика огромно разочарување кај граѓаните кои очекуваат сите да бидат еднакви пред законот. Таква отстапка, СДСМ не може, не смее, и нема мандат да направи“, објаснуваат од владејачкото мнозинство.

Истиот став се однесува и кон бараните измени на членот 165-а кој се однесува на „злоупотреба на средства за финансирање на изборни кампањи“.

 

 

 

23.07.2018 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега