Драган Малиновски: Не верувам во фатална теорија дека сме предодредени за копрупција

Поранешниот прв антикорупционер, и еден од добрите познавачи на проблематиката со корупцијата во Македонија, во интервју за Прес24, вели дека корупцијата не се решава со кампањски иницијативи, кои само значат грепкање по површината, туку со сериознен пристап кој им недостасува на политичарите...

- Исто така не верувам и во фаталистичката теорија, дека ние сме предодредени за коруптивно однесување и дека се залудни сите обиди нешто да се промени. Корупцијата зависи од капацитетот и интегритетот на институциите на власта, правосудните органи, но и на секој нас како поединец. Со секоја поединечна одлука во тендерска постапка, со секое именување и разрешување на носители на јавни функции, со секоја судска одлука, се создава слика за тоа дали Република Македонија промовира законитост и етичност. Ако биде воспоставен амбиент во кој сите ќе бидат еднакви пред законот, во кој казнивоста за корупција нема да биде привилегија само на политичкиот противник на власта, убеден сум дека и менталитетот на политичарите и граѓаните ќе доживее позитивна промена. Со тоа и состојбата со корупцијата би била многу поповолна, вели Малиновски во интервјуто за Прес24.

Тој смета дека извештајот на ГРЕКО е само слика за начините на кои Македонија површински работи во борбата против корупцијата.

-Впрочем, поделикатните препораки, а кои беа поврзани со работата на Судскиот совет, поточно со изборот на судиите, процедурите за нивно оценување, дисциплинските постапки и сл., се задоволително имплементирани, и тоа ГРЕКО го поздравува. Меѓутоа, апсолутно е разочарувачки за ниту една спроведена препорака која се однесува за пратениците, во поглед на нивниот судир на интереси, примање подароци и друга корист, лобирањето и сл. Тоа упатува на заклучокот дека кај пратениците не постои доволен интерес овие прашања да бидат уредени согласно антикорупциските стандарди, вели Малиновски.

Според него еден од клучните проблеми во општеството е и моралната и етичката компонента на функционерите, а тоа го покажуваат и последните скандали кои ја тресат власта од корупциски аспект.

-Кога говориме за детектирани неправилности во определени постапки, треба да правиме и соодветна градација на повредата. Работата е јасна кога постои повреда на некоја законска одредба, и тука институциите мораат веднаш да реагираат. За мене се значајни оние случаи, каде немаме прекршување на некоја законска норма, меѓутоа во воздухот некако лебди етичката дилема кај одлуката, вели во интервјуто за Прес24, Драган Малиновски

ПРЕС24: Последниот извештај на ГРЕКО покажува сериозни пропусти и незаинтересираност на државата во борбата против корупцијата. Оценките се разочарувачки. На што се должи ваквиот извештај?

МАЛИНОВСКИ: Причините за ваквите оценки се повеќеслојни. За жал, ние како општество никако не успеваме да постигнеме консензус по прашањето за корупцијата и да сфатиме дека борбата со неа треба да биде врвен општествен приоритет. Тоа не може да се постигне со голи пароли, туку со градење и спроведување на една сеопфатна стратегија, која би ги опфатила сите жаришта на корупцијата. Препораките на ГРЕКО преставуваат  своевиден патоказ за усогласување на нашата легислатива со позитивните антикорупциски практики и затоа е многу важно истите доследно да се имплементираат.

ПРЕС24: Владата вели дека исполнила дел од препораките, но сепак според извештајот незавршени остануваат голем број препораки, можеби најсуштинските. Дали во прашање е незаинтересираност, или пак немање доволен капацитет кај државните институции за справување со корупција?

МАЛИНОВСКИ: Ако се погледнат препораките, ќе се заклучи дека за многу мал број од нив имплементацијата објективно е потешка, како што е случајот со изземање на министерот за правда од членувањето во Судскиот совет, бидејќи за тоа е неопходна уставна измена. За сите други нема никакво оправдување за нивното неспроведување. Впрочем, поделикатните препораки, а кои беа поврзани со работата на Судскиот совет, поточно со изборот на судиите, процедурите за нивно оценување, дисциплинските постапки и сл., се задоволително имплементирани, и тоа ГРЕКО го поздравува. Меѓутоа, апсолутно е разочарувачки за ниту една спроведена препорака која се однесува за пратениците, во поглед на нивниот судир на интереси, примање подароци и друга корист, лобирањето и сл. Тоа упатува на заклучокот дека кај пратениците не постои доволен интерес овие прашања да бидат уредени согласно антикорупциските стандарди.

ПРЕС24: Изминатиов период власта ја тресат сериозни скандали. Тендерот во здравството, набавка на лекови без тендер, поделбата на средства од Фондот за иновации, донации од министерства на невладини во кои членуваат министри и партиски функционери, случајот со директорот на БЈБ... Како оценувате овие случаи?

МАЛИНОВСКИ: Општ е впечатокот дека во изминатиот период фокусот на власта е насочен кон големата тема, а тоа се евроатланските интеграции и сите прашања поврзани со тоа (договорот со Грција, референдум и сл.).  Во една таква специфична ситуација, на површина излегоа некои проблематични случаи, за кои во јавноста следеа и бурни реакции.

Кога говориме за детектирани неправилности во определени постапки, треба да правиме и соодветна градација на повредата. Работата е јасна кога постои повреда на некоја законска одредба, и тука институциите мораат веднаш да реагираат. Таква беше ситуацијата со тендерот во министерството за здравство, каде не беше обезбедена задолжителната конкурентност на економските оператори, а беа сторени и други повреди на законот, поради што одлуката за избор беше поништена. За овој случај предистражна постапка води и јавното обвинителство, што е сосема во ред. Не е спорно и разрешувањето на директорот на Бирото за јавна безбедност, бидејќи тој ги прекршил правилата и процедурите за користење на ресурсите на министерството за внатрешни работи.

За мене се значајни оние случаи, каде немаме прекршување на некоја законска норма, меѓутоа во воздухот некако лебди етичката дилема кај одлуката. Таква е ситуацијата кај учеството на тендери, или пак користење на некаква државна поддршка, од страна на  правните лица во кои свој удел имаат определени функционери, или нивни блиски лица. Законот за спречување на судир на интересите уделот во сопствеништвото не го третира како пречка тие правни лица да учествуваат на тендери, односно тоа не преставува состојба на судир на интереси. Во моментот во тек е изработка на нов Закон за спречување на корупцијата, во кој се регулира и судирот на интересите и мислам дека е добро сите овие дилеми да се решат со тој закон, за да ова прашање конечно биде јасно расчистено и во иднина точно знаеме што е дозволено, а што не. Тоа е прилика своја законска матертијализација да добијат и сите етички и морални аспекти изнесени во јавноста.

ПРЕС24: Дел од компаниите во кои вицепремиерот Кочо Анѓушев има удели, реагираа дека се ставени во неповолна позиција и сметаат дека нема ништо спорно да учествуваат на тендери за јавни пари, но дали реално може да се избегне влијание при одлучувањето, кога човек кој е дел од сопственичката структура, воедно е и дел од одлучвачкиот тим за распределба на средствата?

МАЛИНОВСКИ: Дилемата е сосема легитимна, но истата мора да се разреши нормативно, како што претходно укажав.

ПРЕС24: Вие бевте еден од луѓето во Антикорупциската комисија чие време можеби беше најдобро оценете, во смисла дека ја врши функцијата за која е создадена... Денеска таа комисија постои само на хартија, со месеци нема избрано нови членови откако тие поднесоа оставки поради скандалот што го објави американскиот амбасадор. Колку оваа состојба со оваа Комисија е воедно и слика на власта за интересот кон прашањето за борбата против корупцијата?

МАЛИНОВСКИ: Постоењето на независно тело за спречување на корупцијата преставува наша обврска која произлегува од Конвенцијата против корупцијата на Обединетите нации од 2003 година, а која Република Македонија ја ратификуваше во 2007 година. Според тоа, не станува збор за тоа дали сакаме да имаме вакво тело, или не. Меѓутоа, ние мораме да постигнеме поширок консензус дека таа комисија не смее повеќе да биде само институционален декор и во функција на постигнување на некакви недозволиви политички цели на било која патриска структура.  

Точно е дека повеќе месеци ДКСК е без членови и вон функција, што е асполутно неприфатлива состојба, но факт е дека Република Македонија и во изминатите десетина години е без функционална антикорупциска комисија, која доследно би го спроведувала законот за спречување на корупцијата.

ПРЕС24: ДКСК, реално и изминативе десетина години беше далеку под нивото што треба да биде. Сакам да ве прашам, во што е проблемот за нејзини независно и сериозно функционирање?

МАЛИНОВСКИ: Причините за тоа се доволно елаборирани и познати, а тие се содржани и во сите извештаи кои ги следат нашите состојби. Главната причина е силното политичко влијание при изборот на нејзините членови, што подоцна резултира со спроведување на политичко-партиските агенди, а не спроведување на самиот закон за спречување на корупцијата. 

ПРЕС24: Дали можеби треба да се менува моделот, начинот на нејзиното функционирање, дали треба да се јакнат нејзините капацитет?

МАЛИНОВСКИ: Треба да се промени од се по нешто, но сепак приоритет гледам во менување на постапката за избор на членовите, нивната отчетност кон јавноста, зајакнување на надлежноста, а со тоа и нејзините капацитети.

ПРЕС24: Што е клучно за сериозна борба против корупција? Власта, судството, или пак менталитетот на политичарите или пак на граѓаните?

МАЛИНОВСКИ: Во средина како што е нашата, каде подолго време живееме без здрави морални сидра и каде владеењето на правото е сериозно загрозено, со право се прашуваме од каде да почнеме во борбата со корупцијата. Не сум поборник на кампањско решавање на проблемите, бидејќи така само би гребкале по површината, и тоа на краток рок. Исто така не верувам и во фаталистичката теорија, дека ние сме предодредени за коруптивно однесување и дека се залудни сите обиди нешто да се промени. Корупцијата зависи од капацитетот и интегритетот на институциите на власта, правосудните органи, но и на секој нас како поединец. Со секоја поединечна одлука во тендерска постапка, со секое именување и разрешување на носители на јавни функции, со секоја судска одлука, се создава слика за тоа дали Република Македонија промовира законитост и етичност. Ако биде воспоставен амбиент во кој сите ќе бидат еднакви пред законот, во кој казнивоста за корупција нема да биде привилегија само на политичкиот противник на власта, убеден сум дека и менталитетот на политичарите и граѓаните ќе доживее позитивна промена. Со тоа и состојбата со корупцијата би била многу поповолна

 

 

 

17.08.2018 - 11:40
Фото: 
ПРТС

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега