Анѓушев: Македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна

Датумот 11 октомври е еден од најсветлите во македонската историја. Претставува непокор на македонскиот народ, симбол на револуционерната борба на македонскиот народ за своја држава и за просперитет. Денеска повторно сме исправени пред слични моменти, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев кој ја предводеше владината делегација на денешното оддавање почит и положување цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп каде се моштите на 650-те загинати борци од градот - херој.

- Ако во 1941 година 11 октомври бил датум на борба против фашизмот, денеска имаме нови предизвици како македонска држава: да се биде член на НАТО и на ЕУ каде се нуди стабилност, безбедност за нашиот народ. Македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата и секогаш знаел да препознае кој е просперитетот. Се надевам дека и во овие судбоносни моменти на Република Македонија ќе го направиме истото и ќе тргнеме по вистинскиот пат, порача Анѓушев.

Цвеќиња на Могилата положија и делегации на АРМ, на Собранието, на Сојузот на борците, на локалната самоуправа на Прилеп, партии и граѓани.

- Младите генерации секогаш треба да имаат инспирација за патриотизам, своите активности да ги насочуваат за добро на нашата држава и секогаш да имамае почит кон храбрите борци од НОБ и Револуцијата, истакна претседателот на Прилепскиот сојуз на борци, Круме Соколоски.

За градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп е град на непокорот и тоа граѓаните добро го знаат. - Имаме достоинствени граѓани кои секогаш ќе ги почитуваат придобивките од НОБ и ќе го градат и ќе го унапредуваат заедничкиот живот, рече Јованоски.

Почит им беше оддадена и на првиот претседателна президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, како и на идеологот на НОБ и револуцијата Кузман Јосифоски Питу пред нивните споменици во центарот на градот. Делегации се поклонија и пред бистите на 10-те загинати народни херои во НОБ во Алејата на народните херои. 

 

 

 

11.10.2018 - 13:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега