Тевдовски: 2019 ќе биде година во која ќе растат платите, бројот на работни места и инвестициите

 Следната година ќе биде година во која ќе растат платите, бројот на работните места и инвестициите. Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар економски систем, 2019 треба да биде година во која веќе посериозно треба да се почуствуваат ефектите од овие реформи, вели во интервју за МИА министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тевдовски наведува дека во 2018 година се направени системски решенија што ќе придонесат за намалување на дефицитот во ПИОМ, фискална консолидација, воведување  гарантиран минимален приход, но и отплата на наследените обврски.

– Раст на платите, отворање нови работни места, поддршка на претпријатијата, одговорно управување со јавните финансии – се целите што сакаме да ги постигнеме. Ако ги погледнеме сите овие параметри во 2018 година, можеме да кажеме дека годинава беше добра за македонската економија.

Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, од почетокот на годината просечната плата е повисока за 5,7 отсто. Она што е особено важно е што има двоцифрен раст во секторите со најниски плати (текстил, облека и кожа). Невработеноста е намалена на 20,8 отсто и е најниска  досега. Отворени се 14.239 нови работни места, согласно последните податоци на статистика. После подолг период се враќа довербата на инвеститорите. Првите девет месеци странските директни инвестиции достигнаа 316 милиони евра, што е значително повисоко од вкупниот годишен износ минатата година. Извозот е за 16 отсто повисок во однос на лани. Расте индустријата, но и услужниот сектор. Второто и третото тримесечје имаме солидни остварувања на бруто-домашниот производ, а истото го очекуваме и за последното тримесечје годинава.

Направени се значајни реформи во јавните финансии. Годинава подготвивме три крупни реформи – даночната, пензиската реформа и реформа на социјалниот систем. Тие ќе обезбедат постепена фискална консолидација, намалување на дефицитот на ПИОМ, подобро таргетирање на социјалните трансфери и воведување минимален адекватен приход.

Исто така, со новиот Закон за јавни набавки се предвидува значително подобрување на системот на јавни набавки. Тој ќе донесе поголема транспарентност и поголема ефикасност во јавните набавки.

Направивме и системско решение за решавање на проблемот со неизмирените обврски оставени од претходната Влада. Сега имаме јасна евиденција, механизам да спречиме тие да се натрупуваат во иднина, додека голем број од обврските се веќе отплатени.

Во континуитет работиме и на подобрување на фискалната транспарентност. Годинава беше изработена веб-апликација „Граѓански буџет“ на која се поставени буџетите за 2017, 2018 и 2019 година. Таа е едноставна и достапна за користење за широката јавност - вели министерот.

Тој истакна дека како Влада се трудат да се обезбедат подобри услови за живот за сите граѓани.

-Прво, тоа значи повисок животен стандард, повисоки плати за сите граѓани, вклучително и јавниот сектор. Второ, тоа значи подобри услуги од јавниот сектор за граѓаните. Вработените кои се подобро платени се помотивирани, работат подобро. Во јавниот сектор, кај повеќето дејности платите не беа корегирани со години. Затоа имаме одлив на лекари, немотивирани наставници. Ова се столбовите на општеството.

Што сакаме да постигнеме? Сакаме најдобрите лекари, граѓаните да ги бараат во јавното, а не во приватното здравство. Сакаме образовните работници да бидат мотивирани да ги научат учениците, а не само да ја испредадат лекцијата. Сакаме да обезбедиме добри услуги за граѓаните во сите сегменти од јавниот сектор. Затоа напоредно се работи и на реформа во администрацијата. Потребни се силни и функционални институции.

Се залагаме за раст на платите и во приватниот сектор. Еден од првите чекори кои ги презема Владата беше покачувањето на минималната плата за сите сектори. Тоа придонесе за придвижување на спиралата на плати и повисок раст на просечната плата, особено кај оние дејности кои порано земаа плата под минималната. Тука се и мерките за поддршка на претпријатијата, кои поддржуваат подобро платени работни места.

Во однос на прашањето дали ќе може буџетот на долг рок да го сервисира покачувањето – секако, инаку не би било планирано. Во буџетот за следната година буџетскиот дефицит e намален во однос на оваа, како процент од БДП, но и во апсолутен износ. Значи, спроведуваме постепена фискална консолидација. Ова е клучен и неопходен чекор за стабилизација на јавниот долг на среден рок - кажа Тевдовски.

 
 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.12.2018 - 10:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега