Иванов има право да ги помилува Чавков и останатите кои не се опфатени со амнестијата

Тече рокот за поднесување барање за амнестирање за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, откако Законот за амнестија беше објавен во Службен весник.

Шефот на државата Ѓорге Иванов го потпиша Законот завчера, а тој веднаш беше објавен во Службен весник, потврди вчера за МИА директотот на ЈП Службен весник на РМ, Мартин Костовски.

Законот стапува во сила со денот на објавување во Службен весник на РМ.

 

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Согласно донесениот Закон тие ќе бидат исклучени од амнестијата, но постои уште еден правен механизам кој може да ги спаси од одговорност. Претседателот, Ѓорге Иванов, и претходно го искористил своето право да помилува кога во прашање биле високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Така беше во 2016 година кога Иванов аболираше 57 лице, меѓу кои и високи функционери за кои СЈО имаше отворено постапки.

Иако Иванов потоа ги повлече одлуките за аболиција, сепак правниот систем во Грција ја уважи оваа одлука на претседателот кога одлучуваше за екстрадиција на обвинетите поранешни разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Од Комисијата за помилување на претседателот за „Фокус“ велат дека Иванов има дискреционо право да одлучи кого ќе помилува. Доволна е само неговата одлука.

Ова право на Иванов му следува согласно членот 11 од Законот за помилување:

„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без
спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од
интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и
на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“, стои во членот.

На ова предупредуваат и од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.

 

„Поради предвременото донесување на законот за амнестија, тешко ќе се откријат сите инволвирани во крвавиот четврток и обидот за државен удар, а селективната правда дополнително ќе го охрабри Ѓорге Иванов, да донесе одлука за аболиција на организаторите и насилниците“, соопштија од партијата.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.  

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.12.2018 - 11:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега