ВМРО-ДПМНЕ: Случај како овој со Заев немало во историјата на Македонија!
Прес конференцијата на Зоран Заев е врв на политичка дрскост, безобразлук и ароганција.
Зоран Заев дал тендери на целата своја фамилија, на братот, на таткото, на чичкото, на стрината, на едниот братучед, на другата братучедка, на снаата, на ортаците на братот и уште има храброст да се правда дека тука немало никаков проблем.
Ваков случај во историјата на Македонија немало. Нити ВМРО-ДПМНЕ нити било кој друг во Република Македонија има проблем што во Струмица добивале тендери стотина други фирми. Според законите секоја фирма, без разлика дали е од Струмица, од Македонија или надвор од Македонија има право да конкурира и да добива јавни набавки во Струмица, но не и фирмите од најтесното семејство на Зоран Заев и нивните бизнис ортаци.
Ние немаме против било која фирма да добие јавна набавка во Струмица, но имаме против кога фирмите од неговата фамилија, спротивно на законските норми за спречување на судир на интереси и непотизам, добивале јавни набавки во општината во која тој е градоначалник.
Не е еден пример, не се два примери, туку се десетици примери во кои што фирмите на фамилијата Заеви, дури и во непосредни спогодби добивале јавни набавки во Струмица. Станува збор за огромни средства и за огромен број на примери. Заев ја користел Општина Струмица за да го поддржува својот бизнис и бизнисот на својата фамилија. Со разноразните оправдувања, со други фирми, со други лица, со повици за дуели, Зоран Заев ја потценува македонската јавност и ги потценува граѓаните. На сите им стана јасно дека овие десетици и десетици јавни набавки Заев ги давал со намера на фирмите од својата фамилија.
Зоран Заев изгеда смешно кога се обидува да се оправда дека работите кои ги добивале како јавна набавка фирмите на неговиот татко, чичко, брат, братучеди, снаа, стрина и слично, ги реализираат работници облечени во маички на ВМРО-ДПМНЕ.
Очигледно, поделбата на фирмите, на фирми на ВМРО-ДПМНЕ и фирми на СДСМ, постои само во умот на Зоран Заев, и таквата негова поделба е небитна, битно е дека фирмите на фамилијата Заеви добивале јавни набавки во Струмица, а не смееле.
Интегрален текст.