АРМ подготвена влегува во годината во која НАТО ќе ја добие 30.членка
Генералски рокади, изготвен Стратегиски одбранбен преглед, назначување на нов Началник на генералштабот на АРМ, посета на високи гости од НАТО на АРМ, прием на нови војници… ја одбележа 2018 година, која според меѓународниот фактор е последната година на АРМ пред членство во НАТО.
Со цел за привлекување на младите во Македонија својата кариера да ја продолжат како војници, во април на плоштадот „Македонија“ се одржа отворен ден насловен „АРМ со Вас“ на кој граѓаните имаат можност одблиску да се запознаат со Армијата на Република Македонија и со дел од нејзините капацитети.
На плоштадот најнапред продефилира Баталјонот за почести заедно со Воениот оркестар кој отсвири дел од репертоарот на воени маршеви и химни, по што од страна на гардистите беше изведена точката Егзирцир. Граѓаните имаа можност да видат изведба на боречки вештини од страна на специјалната единица, Волци.
Покрај редовните активности во извршувањето на задачите на војниците на Армијата на Република Македонија, во мај 2018 година се случија пет генералски рокади од кои дел беа поради пензионирање на армискиот кадар, но и поради освежување на военото водство.
Примопредавања на должноста командант на Полкот за специјални операции се изврши помеѓу бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев и досегашниот командант бригаден генерал Орце Јордев, кој го замени генерал мајор Азим Нуредин на местото началник на штаб во Здружената оперативна команда (ЗОК). Генеалот Нуредин, пак, ја прими должноста заменик на Началникот на ГШ на АРМ од генерал мајор Мухамет Рацај.
Должноста командант на ЗОК ја прими бригаден генерал Павле Арсоски, а неговиот претходник генерал мајор Зоран Милески ја прими должноста директор на ГШ на АРМ од генерал мајор Димче Петровски.
За прв пат во 26 годишното постоење на АРМ во мај во војската беше назначена жена која ќе командува со една борбена единица. Во првата механизирана пешадиска бригада должноста командир на една механизирана пешадиска чета ќе ја извршува припадник на Армијата на Република Македонија, од женскиот пол, поручник Александра Бошковска
На свечена церемонија во Министерството за одбрана, во јули беа примени 125 нови професионални војници во Армијата на Република Македонија. Дел од оваа генерација на професионални војници се и 15 припаднички на женскиот пол.
Истиот месец Владата го усвои клучниот документ за развој на одбраната, Стратегискиот одбранбен преглед. Во однос на развојните политики кои се планираат со Стратегискиот одбранбен преглед, една од приоритетните цели на овој документ е создавање на модерна и флексибилна армија која ќе ја гарантира стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.
Во месецот кога АРМ го одбележува денот на своето формирање на полигонот „Криволак“ се одржа вежба на единици од Копнените сили на САД за Европа на која АРМ обезбедуваше логистичка поддршка, сместување и ги отстапи на користење терените за обука
На 17 август на централна свеченост по повод денот на АРМ се изврши примопредавање на должност началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Генерал – мајор Васко Ѓурчиновски со Указ на претседателот на Република Македонија беше назначен за нов Началник на ГШ.
Обученоста и подготвеноста на македонските војниците да бидат дел од тешки операции ја потврди и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој беше во официјална посета на Македонија и присуствуваше на вежба на Полкот за специјални операции во касарната „Илинден“. Тој се заблагодари за учеството во мисиите на НАТО и рече дека членството на Македонија во Алијансата ќе биде предност за НАТО.
Билатералната воена вежба „Предизвик 2018“, беше есенскиот предизвик кој армиите на Македонија и Словенија успешно го реализираа на нашиот полигон „Криволак“.
Успесите на македонските војници не застанаа. На вежбата во Обединетото Кралство „Cambrian Patrol 2018“, кој има натпреварувачки карактер, тимот составен од припадници на ренџерскиот баталјон од составот на полкот за специјални операции го освои второто место и сребрениот медал и ја докажаа својата интероперабилност и подготвеност рамноправно да работат со своите колеги од светските армии.
Во касарната ,,Илинден“ во Скопје, со свечена церемонија се врачија договори за работа на вторите 125 новопримени професионални војници во Армијата на Република Македонија.
Високи воени претставници на 29 – те земји членки на Воениот комитет на НАТО, предводени од заменик претседавачот генерал-потполковник Стивен Шепро, првпат престојуваа во историска посета на Армијата на Република Македонија. Воениот Комитет на НАТО го поздрави прогресот на Република Македонија кон членството во НАТО кое е се поизвесно, и посветеноста на заедничките вредности.
Армијата на Македонија ја реализираше и вежбата „Есенска бура-18“, која е прв поголем успешно реализиран проект во рамките на меѓусебната соработка помеѓу примарните институции задолжени за безбедноста на граѓаните на Република Македонија. На вежбата припадници на АРМ заедно со припадници на Министерството за внатрешни работи со поддршка од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, изведуваа вежбовни активности со цел унапредување на меѓусебната интероперабилност и кризниот менаџмент како одговор на модерните закани.
По речиси 12 години учество на нашите мировници во мисијата УНИФИЛ, Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски ја предводеше делегцијата од Македонија која ги посети нашите војници во Либан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа