ВМРО-ДПМНЕ: Македонија во црно а Шекеринска, Димитров и Османи слават

ВМРО-ДПМНЕ денеска со реакција на прес-конференцијата на Шекеринска, Османи и Димитров.

Најголема демагогија и срам за државата е кога однародените Зоран Заев, Никола Димитров или Радмила Шекеринска стојат пред табла на која пишува Влада на Република Македонија и притоа честитаат и се фалат со насилната смена на Уставот за бришење на името Република Македонија.

Во ситуација кога Македонија и народот е разочаран од губењето на името само Заев , Шекеринска и Димитров слават. Македонија денес не слави, Македонија е завиена во црно бидејќи продадоа, погазија и уништија се. Залудни се фалбите, залудни се повторените ветувања за истите лаги. Залудно е криењето зад наводни реформи како изговор за бегството од избори.

За помалку од една година Заев, Димитров и Шекеринска потврдија дека се октроирани на власт за една намена. Заев, Шекеринска и Димитров и покрај сите ветувања и колнења го сменија Уставот со цел промена на уставното име. Лажеа, лажат и продолжуваат со лагата. Спротивно од националните и државните интереси, спротивно на волјата на граѓаните изразена и на референдумот во 1991 и на референдумот 2018 година, ја жртвуваа Македонија, нејзината посебност, историја, култура.  Останува запишано дека 81 човек во Парламентот го променија името и идентитетот, а не народот, не граѓаните на оваа држава!

Гласањето во Собранието за смена на Уставот со цел промена на уставното име беше спроведено на сила, со уцени, со закани, со злоупотреба и газење на судскиот систем- со злоупотреба на се’ што претставува демократија. Ниту го сменија ниту ќе го сменат впечатокот за својата криминогеност, насилство, корупцијата и неспособност за реформи. Ова е само и само– Предавство и Кариеризам! Со бришењето на Македонија сметаат на заштита за личните и партиските интереси врз грбот на народот, врз идентитетот, врз историјата, јазикот, културната посебност.

Така не се постигнуваат вредности. Тоа не се реформи. Името не беше пречка овој криминален картел на власт да се бори со корупција, да се обезбеди повисок стандард, да се градат школи, градинки, да се унапреди здравството, образованието и земјоделието. Го променија името ликови кои се корумпирани, аболицирани за криминал и сега тие ветуваат европски вредности. Лицемерие!

Доста е. Не бегајте. Излезете на избори! Не се тоа избори за фотелји, тоа се избори каде ќе победи народот, каде што ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, за да победи достоинствена и горда Република Македонија.

Да живее Самостојна, независна, достоинствена и горда Република Македонија!

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.01.2019 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега