СДСМ: Катастарот ја издаде - Јанкулоска е фатена во стапица

Гордана Јанкуловска е фатена во стапица. Тоа што сакаше да го сокрие министерката, го извади на виделина Катастарот, рече на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

- Имотниот лист на Гордана Јанкулоска е скандал сам по себе. Од него се гледа дека истата е сопственик на 182 м2, а не на 114 м2 како што стои во нејзиниот Анкетен лист, обвинуваат денеска од СДСМ. Оттаму тврдат дека на име на министерката во Катастарот се заведени 156 м2 стан и 26 м2 гаража,  додека во нејзиниот анкетен лист се заведени само 114 м2.

 

Шилегов денеска истакна дека Јанкулоска свесно купила стан со дивоградба од 65 м2, а ги легализирала 9 дена пред локалните избори годинава. Според него, решението на Општина Центар со кое се одобрува легализација на дивоизграден кров на зградата во која живее Јанкулоска предвидува легализација на 65 м2 поткровје. 

-Дали тоа значи дека станот на Јанкулоска, бил купен со дивоградба од 65 м2? Тие 65 м2 се легализирани, со ова решение, во мандатот на екс градоначалникот Тодоровиќ, внимавајте, само 9 дена пред локалните избори. Може да претпоставиме по која цена? По евро за метар квадратен?! Односно 65 метри квадратни за 65 евра?! Барањето за легализација на кровот е поднесено во 2011 години, што значи дека министерката во моментот на купување на својот стан, знаела или требало да знае дека купува стан со дивоградба. А, еве кога е легализирана дивоградбата. 14 март 2013 година. Само 9 дена пред изборите годинава, рече Шилегов на денешната прес-конференција.

 

Како што велат од СДСМ, достапните документи покажуваат дека министерката за внатрешни работи од стан од 76 м2, за 5 години го зголемува својот семеен станбен имот во најмалку 270 м2, или како што велат,  од 50 илјади евра на над 350 илјади евра!

 

 

 

28.09.2013 - 14:35