Груби: ДУИ безрезервно се става на располагање на органите на правдата и прогонот

ДУИ ќе даде поддршка на законското решение за СЈО коешто е усогласено со коалицискиот партнер, рече на прес-конференција пратеникот Артан Груби.

Тој посочи дека имало неколку предлози во однос на идното функционирање на СЈО, но овој е најприфатлив.

„Се надевам дека ќе најдеме консензус со сите политички претставници во парламентот, зошто формирањето на СЈО е донесено со потписите на четири политички партии во 2015 година како дел од пржинскиот договор“, рече Груби.

Груби кажа дека со законот се основа ново обвинителство, перманентно, кое ќе гони висок профил на корупција.

„Ова обвинителство ќе работи независно и ќе функционира не само во време на владеењето на СДСМ и ДУИ туку и за сите наредни влади. Очекувам тоа да го направиме сите заеднички, за да добиеме и поддршка од меѓународната заедница, затоа што знаете дека владеењето на правото е клучен услов за поддршка на членството на државата во ЕУ“, порача Груби.

Тој посочи дека ДУИ се става на располагање СЈО да отвори истраги за сите функционери на партијата од 2002 па наваму.

„Безрезервно се ставаме на располагање на органите на правдата и прогонот, да се постапува по словото на законот и тој да важи за сите“, истакна пратеникот на ДУИ кој одговори и на новинарско прашање во однос на обвинувањата од Беса дека има селективен пристап во работењето на СЈО.

„Политичарите да не преземаат улога на обвинители бидејќи местото им е да се занимаваат со политика, а не да шират пропаганда. СЈО работеше транспарентно и даваше извештаи за својата работа токму пред ова Собрание“, истакна Груби на прес-конференцијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.03.2019 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа