Зад Пендаровски застанаа над 60 пратеници

Над 60 пратеници со својот потпис дадоа поддршка на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата, соопшти денеска генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Александар Кирацовски, кој е и шеф на изборниот штаб за претстојните претседателски избори.

Тој истакна дека, покрај тоа што законскиот услов за кандидатурата на Пендаровски е исполнет со потписите на пратениците поддршка можат да дадат и граѓаните ставајќи го својот личен потпис во подрачните единици на ДИК низ државата.

 

-Пратеници од различни етнички заедници, од различни политички партии, обединети се околу заедничкиот избор за победа, за напредок, за иднина. Стево е нашиот избор затоа што веруваме дека е личност со интегритет, кој ќе биде вистински претседател на сите граѓани. Кој ќе се води од интересите на граѓаните и државата. Пратениците многу добро знаат колку е значаен изборот на претседател за државата, за граѓаните и за Собранието, изјави денеска во Парламентот Кирацовски.

На Република Северна Македонија, како што рече, не и е потребен нов Иванов, не им е потребен уште еден партиски послушник, кој е подготвен да делува спротивно на интересот на државата, да не почитува Устав, работејќи само во името на партијата и партискиот шеф, како што ни се случуваше во последните 10 години.

-На државата, на граѓаните потребен им е претседател кој влева доверба и сигурност, претседател кој гледа напред, работи заедно со сите прогресивни и демократски сили, ја води земјата кон ЕУ и НАТО. Стево е кандидат за вистински претседател, рече Кирацовски.

Покрај тоа што законскиот услов за кандидатурата на Пендаровски е исполнета со потписите на народните избраници, Кирацовски истакна дека отвора можност и граѓаните непосредно да застанат зад кандидатурата на Стево за претседател.

-Ги покануваме граѓаните кои сакаат да дадат директна поддршка на кандидатурата на Стево, нашиот заеднички кандидат, од утре, да се приклучат, да го сторат тоа со својот личен потпис во подрачните единици на ДИК низ државата. Одиме заедно со Стево, партии, пратеници, граѓани, сите заедно. Одиме во нова победа, за граѓаните, и за нашата држава, истакна Кирацовски.

СДСМ на конгресот што се одржа во неделата го потврди изборот на Стево Пендаровски за претседателски кандидат. Од 783 присутни делегати, 712 едногласно, без против и воздржани, гласаа за Стево Пендаровски. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.03.2019 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа