Костовски: Преименувањето на МРТ е удар врз културното наследство на македонскиот народ

Грција ја има ЕРТ (Елиники Радиофониа Тилеораси), Србија ја има РТС (Радио Телевизија Србија), Бугарија ја има БНТ (Бугарска Национална Телевизија), Албанија ја има РТШ (Радио Телевизиони Шкиптар), Косово ја има  РТК (Радио Телевизиони Косова), Велика Британија ја има Би – Би – Си (Бритиш Броадкестинг Сервис). Само Македонија и македонскиот народ немаат сервис кој ќе го одржува идентитетот, порачува Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Поради СДСМ и Зоран Заев Македонија го губи симболот на  македонското радио и телевизија. Се наоѓаме пред Македонската Радио Телевизија, основана со одлука на Првото заседание на АСНОМ, институција на која со одлука на Зоран Заев и се брише името и се обезличува. Со одлука на Владата, Македонската радио телевизија станува  Национална радио телевизија. Преименувањето на Македонската радио телевизија е доказ дека Зоран Заев и СДСМ не го сочуваа институционалниот идентитет. Преименувањето на МРТ е доказ дека Република Македонија поради договорот од Преспа не може да ги користи придавките македонски/ македонско/ македонска. Зоран Заев и СДСМ тврдеа дека е зачуван институционалниот идентитет. Гледаме дека не е. Преименувањето на МРТ е удар врз културното наследство на македонскиот народ. МРТ е првото радио на македонски јазик, преку кое за првпат македонскиот јазик е пуштен во етерот, истакна тој.

Костовски посочува дека МРТ е вистинска културна ризница.

-Во МРТ се чуваат сите архиви во вид на аудио и видео материјали за создавањето на државата. МРТ е симболот со кој што Македонците, македонската дијаспора и Македонците од соседството се идентификуваат со Република Македонија. Првата програма на Македонското радио се слуша во цела Македонија како и во соседните држави каде што живеат Македонци: Грција, Мала Преспа и Голо Брдо во Албанија, Бугарија како и во Србија и на Косово. Првата програма на Македонското радио се слуша и преку интернет како и на сателит. Името „Национална Радио Телевизија“ не значи ништо. Не претставува никого, не поврзува никого, не одразува ничии ставови, култура, посебност. Македонскиот народ не го заслужува ова понижување. Зоран Заев и СДСМ мора да си заминат. Потребно е масовно излегување на претседателските избори и победа на Гордана Силјановска Давкова, што ќе биде причина за распишување на нови предвремени парламентарни избори, порача тој.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.03.2019 - 17:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа