СДСМ: Владата итно да го реши проблемот со земјоделците наместо да ги лаже

Земјоделците се излажани, а пченицата им лежи во амбарите.

Погрешната политика во земјоделството, популистичките и кампањски мерки што ги презеде Владата на Никола Груевски доведоа до тоа откупот на пченица речиси да запре. Состојбата е алармантна. Околу 30% до 40% од вкупниот род на пченица остана во амбарите, а повеќе од половината од откупената остана неисплатена.

По укинувањето на мерката за условен увоз од страна на Владата измамени останаа и мелничарите и земјоделците. Владата им ветуваше дека мерката ќе важи до 31 декември оваа година,  дека цената за откуп на пченицата ќе се движи меѓу 14 и 15 денари и дека Владата ќе откупи околу 8.000 тони пченица за стокови резерви.

Во моментов секој правен субјект во Република Македонија може да увезува пченица по цена од 170 евра за тон, а брашно по цена од 230 евра за тон. Со овие ниски цени нашите мелници не можат да бидат конкурентни.

Како резултат на погрешната аграрна политика на власта, пред две недели мелничарите донесоа одлука сите мелници кои ја немаа платено откупената пченица, да им ја вратат на земјоделците. Затоа сега повторно се зголемија количините на непродадена пченица која стои по амбарите, а нејзината цена е 8 ден/кг.

И покрај субвенциите, површините под пченица се намалени, а приносите се непроменети. Погрешните политики на власта во земјоделството не поттикна развој и конкурентност, туку загриженост и несигурност кај земјоделците. Затоа во последниве седум години имаме 20 000 хектари помали површини под пченица и 60 000 тони помало производство.

Господаод власта, престанете да ги лажете земјоделците. Ги направивте аргати на сопствената земја. Дали сте помислиле дека доаѓа време за сеидба на пченицата? Со кои пари земјоделците ќе ги платат трошоците за орање, сеидба и ѓубрење? Срамота е покрај толку високи субвенции да имаме сиромашни земјоделци. 

 

Ја повикуваме Владата итно да го реши овој проблем на земјоделците со доплаќање на разликата до 15 денари по килограм, или да им ја откупи целата реколта на пченица за стокови резерви.

30.09.2013 - 14:36

најчитано сега