СДСМ: Ова е уште една неуспешна година за македонската економија и нејзините граѓани

Државниот завод за статистика вчера ги објави најновите, за жал разочарувачки податоци за растот на БДП на Република Македонија во 2012 година. Податоците покажуваат дека БДП на Република Македонија во 2012 година, не само што не се зголемувал, туку за жал се намалил за 0,4 % поени.

 Со тоа повторно, по којзнае кој пат паднаа во вода прогнозите на Владата дека во 2012 година македонската економија ќе расте, прво според буџетот по 4,5 отсто, а потоа со ребалансот Владата предвидуваше 2, 5 отсто пораст на БДП. И овие податоци јасно покажуваат дека политиките на Владата во делот на економијата и во делот на јавните финансии и трошењето на парите на граѓаните сите овие години даваат лоши и разочарувачки резултати.

 Само за потсетување, во изминатите 7 години, од 2006 до 2012 година, просечниот раст на БДП, од времето кога ВМРО – ДПМНЕ ја презеде власта и ја води македонската држава, изнесува ниски 2,2 %. Со ваквиот раст на БДП, Република Македонија, за жал останува последна земја и по животниот стандард во Европа и во регионот, и по висината на личните доходи, и по висината на пензиите, и она што е најлошо, останува последна и според перцепцијата на граѓаните, за тоа колку се среќни од својот живот во Република Македонија.

 Почитувани,

 Оваа Влада, во 2012 година го зголеми буџетскиот дефицит без одобрение на Собранието на Република Македонија, од 2,5 % на 3,9 %, потроши 300 милиони евра повеќе од она што и беше дозволено или што македонската економија создала.

Се поставува прашањето зошто Владата ги потроши овие пари? И колку од овие потрошени пари придонесоа за Република Македонија, нејзината економија и нејзините граѓани подобро да живеат?

 Чекаме одговор како и зошто Владата незаконски и надвор од процедура ги зголеми буџетските дефицити за 2012 година? А од друга страна резултатите покажуваат дека тоа зголемување на буџетскиот дефицит придонело, за жал, за негативен раст на БДП.

 Ова е уште една неуспешна година за македонската економија и нејзините граѓани.

 Прашуваме до кога оваа Влада ќе се фали со скапите реклами дека животот во Република Македонија е добар, дека економијата ни оди напред, дека животниот стандард расте? Ниту еден релевантен податок не го покажува тоа.  Растат само расходите, трошоците, буџетот, додека се намалува животниот стандард и растот на македонската економија.

 И затоа последните податоци на Државниот завод за статистика за растот на БДП во 2012 година `не враќаат во суровата реалност.Таа е дека оваа Влада не умее или не знае да се справи со реалните проблеми, да обезбеди економски раст, подобар животен стандард, отворање работни места, правејќи го тоа на грбот на граѓаните, само со правење високи буџети, коишто стопанството и граѓаните не можат да ги полнат.

 За овие изминати 7 години, оваа Влада има потрошено 7 милијарди евра повеќе од која било досега Влада во Република Македонија!

 На граѓаните останува да проценат дали со волку потрошени пари, оваа Влада ги постигна целите за коишто ја доби довербата? Подобра економија и подобар животен стандард. Статистиката тоа не го потврдува, а верувам реалноста уште повеќе ја демантира оваа Влада. 

Интегрален текст од СДСМ.

01.10.2013 - 15:22

најчитано сега