Заев: Нашите гласачи покажаа дека се разочарани, „чистка” ќе има после изборите

Пораката на гласачите од првиот круг за претседателските избори е примена и прифатена и секако ќе реагираме, но да дадеме шанса на нашата држава, рече вчера премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги изборните резултати.

„Нашите гласачи покажаа дека се разочарани од некои функционери. Некои се оттуѓија од народот, други не ги извршија очекувањата. Најавив чистка, реконструкција, но од почетокот на распишување на изборите до завршување на изборите е забрането”, рече премиерот Зоран Заев. 

Тој најави дека ќе почека по завршување на изборите, да ја спроведе најавената реконструкција и смена на некои од министрите и функционерите, но не не сакаше да открие кои ќе бидат првите министри што ќе бидат сменети.

Според него, прашањето на името и Договорот од Преспа не се причини за неисполнување на нивните очекувани резултати затоа што на референдумот излегле 669.000 граѓани, а „за” гласаа 609.000 граѓани.

„Зошто еден дел од гласачите одлучија да апстинираат, а се гласачи поддржувачи на 31-та партија и на концептот на Стево Пендаровски. Одлучија преку седење дома да испратат порака на незадоволство кон власта, оти тие ако се откажале од нашата поддршка ќе ги дадеа своите гласови за опозицијата, односно за кандидатот Сиљановска Давкова. Како што гледате и Христијан Мицкоски со своите политики е делегитимиран затоа што има пад со повеќе од 10-тина отсто од вкупниот број на гласовите од последните избори и не акумулира дополнителен број на гласови, а нашите разочарани гласачи дефинитивно ја испратија пораката која излегува како врв на таа анализа, а тоа е дека се разочарани од одредени функциониери, од одредени политики кои мора да бидат коригирани и во делот на политиките и во делот на функционерите, односно не така одговорно, често и достоинствено сите им служат на своите граѓани”, одговори Заев на новинарско прашање.

 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.04.2019 - 08:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега