Димитров: Нашата цел е Северна Македонија да ја направиме модерна Европска демократија

Реформите во клучните области, со фокус на постигнувањата во имплементацијата на законските решенија и плановите за натамошно продлабочување на реформските напори, како и постигнатиот успех во унапредување на односите со соседите биле дел од темите на средбата на министерот за надворешни работи Никола Димитров со неговиот холандски колега, министерот за надворешни работи Стеф Блок, со која ја заокружи работната посета на Хаг, Кралството Холандија.

Димитров, како што соопшти МНР, се осврнал на односите со соседите и пресвртот што земјата успеа да го постигне преку склучувањето на договорите со соседна Грција и Бугарија, како редок пример за визионерско лидерство во Регионот. Во таа смисла, Димитров укажал дека отворањето на процесот на пристапни преговори ќе значи консолидација на успехот што го постигнавме и поттик да продолжиме да работиме на домашен терен.

–Позитивна одлука ќе означи почеток на еден долг процес, каде напредокот не доаѓа сам по себе, туку е резултат на посветена работа и темелно унапредување на процесите во земјата. Ние сме силни поддржувачи на принципот „стриктно и фер“! Би сакале да бидеме оценувани за тоа што можеме да го направиме и да бидеме оценувани строго. Доколку има напредок да има и негово признавање. Нашата цел е Северна Македонија да ја направиме модерна Европска демократија. Таму не претендираме да стигнеме преку ноќ, туку преку работа и доследно придржување до суштината на процесот, истакнал Димитров на средбата.

Во рамки на посетата, министерот Димитров имал обраќање и пред парламентарната Комисија за европски прашања каде го презентираше напредокот на Република Северна Македонија во изминатиот период и спремноста на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ, до крајот на годинава.

Зборувајќи за перспективата на Северна Македонија и Регионот, МНР Димитров истакнал дека смета  дека тоа што е потребно во нашиот регион е помалку политизирање, а повеќе здрав натпревар на заслуги. Потребна ни е, како што рекол, Олимпијада на реформи на Балканот со цел да се мотивираме меѓусебно и да правиме повеќе во корист на нашите граѓани.

Од страна на холандските пратеници биле поздравени големите напори за враќање на земјата на европската патека и дадено охрабрување за продолжување по овој пат во периодот што претстои.

На средбата со Матијс ван дер Плас, генерален директор за европска соработка во Министерството за надворешни работи бил акцентиран реформскиот напредок на земјата, надминувањето на отворените прашања со соседите, а се дискутирало и за актуелните состојби во земјата и Регионот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.04.2019 - 16:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега