И СДСМ за сексот на Субрата Рој

Чекавме еден ден Премиерот Груевски и Владата да ѝ се извинат на јавноста во Република Македонија за контроверзиите на наводниот индиски милијардер Субрата Рој изречени во неговиот говор на „Балканскиот фестивал на мирот“.

Омилениот бизнис-партнер на Владата среде Скопје си дозволи да ја исмее и навреди Македонија, додека цела Влада од Груевски и Ставрески до Канчевска-Милевска аплаудираа во првиот ред во Новиот театар.

Прво, Индиецот констатираше дека спасот од сиромаштијата требалo да се побара во сексот. Дека многумина живеат во сиромаштија и дека верува оти ќе се приклонеле на сексот за да ја зголемат густината на населението?!

Потоа на Владата ѝ сугерираше преку закон да утврди идеална големина на едно семејство, а „родителите кои не ја следат идеалната семејна законска дефиниција, да ги губат сите придобивки и бенефиции за нивните деца, како и правото на глас“! 

Најголемиот бисер беше признанието на Субрата Рој дека во неговата организација има „многу криминалци“, но оти ќе им оставел време сами да се променат.

За  да изјави уште нешто многу типично за неговиот пријател Груевски: дека во неговата Индија „најголем непријател се новинарите“ кои главно зборувале за негативни настани.

СДСМ ги прашува Груевски и Владата:

Дали Владата соработува со организации во коишто работат криминалци?

Дали од изјава на таканаречениот милијардер од Индија дознавме дека власта на Груевски не само што го штити, туку и го промовира криминалот?!

Дали премиерот Груевски, идентично како Субрата Рој, новинарите ги доживува како „најголем непријател”?

 

Дали за Груевски и министерската елита на ВМРО-ДПМНЕ се прифатливи срамните и исмејувачки совети на нивниот бизнис-партнер Субрата Рој за сексуалните афинитети на граѓаните на Република Македонија?!

(Интегрален текст од писмено соопштение на СДСМ)

04.10.2013 - 12:31

најчитано сега