Ристо Никовски: Разбивањето на Македонија е невозможно без нова балканска војна

Македонија нема друга алтернатива освен да остане во процесот на преговори за името, но затоа може паралелно да бара тој предмет да се врати во Советот за безбедност. Амбасадорот од кариера, Ристно Никовски во интервјуто за Прес 24, вели дека во моментот е силен впечатокот дека процесот под медијаторство на Метју Нимиц е дефинитивно доведен во ќор-сокак.

- Време е официјално да му се обратиме на генералниот секретар на ООН, Бан Ки-Мун, и да го известиме дека процесот се потроши и дека не треба повеќе да се губи време, кое е драгоцено за Македонија. Да побараме предметот да го врати во СБ на ООН со наше официјално барање и инсистирање да се донесе нова резолуција со која ќе се исфрли референцата и на државата ќе и  се врати уставното и историско име во светската организација, а тоа значи и за севкупна употреба, вели Никовски за Прес24. Тој смета дека Македонско-грчкиот спор ниту воопшто не е сличен со оној на Хрватсака и Словенија или пак српско-косовскиот и затоа Македонија не треба да инсистира на такво решение, кое во себе би го вклучувал Брисел како посредник.

- Најлошото, пак, што може нам да ни се случи е – вклучувањето на Брисел. На Ештон или било кој друг. Тоа би било – кадија тужи, кадија суди. Како во приказните. Среќата на Хрватска, која целосно беше во право, беше во фактот што Словенија никој не ја подржа во ЕУ. Таа мораше да го проголта тоа со ветување дека проблемот ќе се реши со меѓународна арбитража, пред Хрватска да стане членка. Да потсетиме само дека Хрватска е веќе во Брисел а решение се’ уште нема! За разлика од нашиов случај, каде е директно заинтересирана единствената супер сила, таму некој друг ги меша картите, вели во интервјуто за Прес24, Ристо Никовски.

Главниот проблем според него се позициите на Вашингтон, потенцирајќи дека после распадот на Југославија, САД за прв пат во историјата се главни на Балканот. Тука, своите долгорочни интереси, вели амбасадорот, тие ги реализираат преку стратешко партнерство со Албанците (не со Албанија!) и истите не кореспондираат со македонските.

-Тука лежи нашиот главен проблем. Во Вашингтон, не во Атина, потенцира за Прес24, Никовски, потенцирајќи дека македонската дипломатија мора да биде претпазлива и внимателна.

-Географска додавка пред “република“ ем е неприфатлива за Грција, ем е бесмислица. “Република“ не може да биде горна, долна, средна... туку демократска, парламентарна, федерална... Значи, додавката може да биде само политичка а не географска. Од друга страна, за Македонија не е прифатлива додавка пред “Македонија“ бидејќи директно го менува идентитетот на народот.

Не само на Грција туку на сите им е сосема јасно дека  црвената линија со ерга омнес е само максимализирање на нивната позиција и ништо друго. Таа е надвор од умот. И утре да не окупираат, тоа не можат да го спроведат. И да изберат квинслиншко Собрание, кое ќе го смени Уставот и ќе го прекрсти народот, тоа кратко ќе трае. Србите не успееја ниту за скоро 30 години да не прекрстат. Значи, оваа екстремна позиција има своја прикриена цел – да се сложиме референцата да се смени за име за понадвор! Тоа е максимумот кој и Атина, и Вашингтон, и Брисел... можат да го постигнат. Имаат и јадица и замка – нели, ќе ни ја сменеле референцата! И, ние треба да бидеме пресреќни! Зад тоа се крие тешка измама – ние да прифатиме има за понадвор, што би било погубно за земјата. Тоа е исто така ерга омнес ама на етапи и фази. Најмногу, за година дена ќе се менува и Уставот и се друго бидејќи ќе мораат да се менуваат и пасошите, и царинските документи... Ако се сложиме за во светот да бидеме нешто друго, тоа ќе мора да се почитува. Референцата ние никогаш не ја прифативме и таа не не обврзува, вели за Прес24, Амбасадорот Никовски.

За него бугарските позиции во Брисел и блокадите не се изненадување, туку тоа било прашање на време кога ќе се случи.

-Нивната вековна политика, дека нема Македонци, македонски јазик... е на финален тест. Ако не не освестат сега дека сме “Бугари“ и зборуваме таков јазик, пред да влеземе во НАТО, ЕУ, за нив борбата ќе биде дефинитивно изгубена. Моментот  е – да не биде, или не. “Бугари“, се разбира.

И, да не забораваме дека позиција на Бугарија е полоша од грчката. Софија не посвојува, смета дека не постоиме како одвоен етнос, народ, нација. За Атина тоа не е спорно, само да не сме Македонци. За нив е важен брендот, за Софија сме ние, вели во интервјуто за Прес24, Ристо Никовски.

ПРЕС24: Амбасадоре, Македонија како никогаш во последните 18 години, откако ја има обврската да разговара за прашањето за името, по вермената спогодба е во ситуација во која се погласно се зборува за прекин на преговорите или за барање на нов формат. Во каква всушност состојба се наоѓаат во моментов разговорите за името?

НИКОВСКИ: Силен е впечатокот дека процесот на медијација на Нимиц дефинитивно дојде до ќор-сокак. Неодамна во Скопје и тој  самиот ни го кажа тоа со самиот факт што излезе во јавност со деталите од посредувањето.  Нимиц нема мандат да ја известува македонската јавност за фазата до која е дојден процесот туку генералниот секретар на ООН, а тоа тој веќе долго време не го прави. Според  него, “разликата околу името“, како е дефинирано во резолуцијата 817/93 на СБ на ООН, се свела каде да се ставела географска додавка – пред “република“ или пред “Македонија“. Географска додавка пред “република“ ем е неприфатлива за Грција, ем е бесмислица. “Република“ не може да биде горна, долна, средна... туку демократска, парламентарна, федерална... Значи, додавката може да биде само политичка а не географска. Од друга страна, за Македонија не е прифатлива додавка пред “Македонија“ бидејќи директно го менува идентитетот на народот. 

ПРЕС24: Владата секогаш потенцира дека прекин на разговрите е невозможен, пред се поради моментот дека во таква ситуација Македонија ќе ја изгуби конструктивноста. Реално што ќе загуби, а што може да добие Македонија ако ги замрзне преговрите за името.?

НИКОВСКИ: Македонија во никој случај не смее ниту да ја прекине, ниту да ја замрзне медијацијата. И двете ќе и наштетат на нејзините интереси. Ние го прифативме процесот и треба да размислуваме како да го насочиме во наша корист а не, крајно непотребно, да се конфронтираме со сите. За да биде тоа појасно, може да се праша – а што ќе добиеме ако го сториме едното, или другото? Апсолутно - ништо. Ќе си ја игнорираме обврската и сите, со право, ќе не критикуваат.

ПРЕС24: Втората алтернатива е онаа што неодамна и пред генералното собрание на Обединетите нации ја заговараше Премиерот Никола Груевски, а тоа е дека треба да се бара начин како ООН, да бидат подиректно вклучени во процесот. Односно да се разговара за редефинирање на постојната поставеност на процесот на разговори. Премиерот вели дека и ООН, знаат дека вака разговорите не даваат резултат. Јас сакам да Ве прашам, за какви редефинирања на проецесот можеме да зборуваме?

НИКОВСКИ: Редефинирање на процесот – не е можно. Наш силен аргумент, кој треба токму сега да го искористиме, е 20 годишниот неуспех на посредувањето. Време е официјално да му се обратиме на генералниот секретар на ООН, Бан Ки-Мун, и да го известиме дека процесот се потроши и дека не треба повеќе да се губи време, кое е драгоцено за Македонија. Да побараме предметот да го врати во СБ на ООН со наше официјално барање и инсистирање да се донесе нова резолуција со која ќе се исфрли референцата и на државата ќе и  се врати уставното и историско име во светската организација, а тоа значи и за севкупна употреба. Аргументите за тоа се бројни и неспорни. Прво, дека името не е никаква закана за Грција бидејќи поминаа преку 20 години без било каков безбедносен инцидент меѓу двете земји. Второ, Судот во Хаг недвосмислено пресуди дека Македонија не го загрозува културното и историското наследство на Атина. А тоа беа двата најсилни “аргументи“ на Грција во 1993, кога ни беше оспорено името.

Пресудата од Хаг треба и пошироко да се елаборира во истото обраќање.

ПРЕС24:  Дали може да помине нова резолуција во ООН, со која ќе се бара признавање на уставното име на државата?

НИКОВСКИ: Ако се мисли на нова резолуција во Генералното собрание на ООН, за што со доста аргументи се залага Игор Јанев, доста е тешко да се замисли дека може да помине. Теоретски и процедурално – да, тоа е можно. Ама практично и дипломатски – не. Веднаш ќе се вмешаат “главните“ и ќе најдат начини, а имаат повеќе, тоа да го спречат. На пример, барањето ќе го прогласат за безбедносно прашање кое прво мора да оди на Советот за безбедност и се’ ќе падне во вода бидејќи знаеме кој таму решава.

Затоа е многу подобро ние да бараме предметот да се врати во СБ на ООН, без да ја прекинуваме или замрзнуваме медијацијата и да се обидуваме на мала врата да стигнеме до целта. Џиновите не дозволуваат такви игри. Немилосрдно ги сечат.

Се разбира, доколку се одлучиме за горниот чекор, за што условите се целосно зрели, тоа претпоставува широка, долга и тешка дипломатска офанзива во Вашингтон, пред се’, ама и во Москва, Пекинг, Лондон, Берлин, Рим... Анкара... а, зошто не и во Париз...

ПРЕС24: Како го оценувате ангажманот што го пројавува генералниот секретар Бан Ки Мун, за иницирање средба на високо ниво меѓу Македонија и Грција?

НИКОВСКИ: Бан Ки-Мун изгледа наклонет ама не може многу да помогне. Со барање на средби на високо ниво ние само ја тераме Грција на чистина. Светот да сфати каде е проблемот. Инаку, премиерите не можат да го решат проблемот. Тој  е многу длабок, сериозен, крајно асиметричен, историски... Впрочем, никој не може да го натера грчкиот премиер на таква средба. А и да дојде, нема да ја прифати одговорноста.

ПРЕС24:  Искуството од земјите од регионот покажа дека најлесен начин за затварање на билатералните спорови е дијалог со посредништво на ЕУ. Така беше и со Хрватска и Словенија, еве сега и со Косово и Србија. Брисел немаше, барем досега некој посебен однос на инволвирање во македонско-грчкиот спор, но како сега да се толкуваат најавите на Кетрин Ештон?

НИКОВСКИ: Спорот кој ни го наметна Грција нема никаква сличност со проблемот меѓу Косови и Србија или со недоразбирањата меѓу Словенија и Хрватска. Секоја компарација меѓу нив е бесмислена. Најлошото, пак, што може нам да ни се случи е – вклучувањето на Брисел. На Ештон или било кој друг. Тоа би било – кадија тужи, кадија суди. Како во приказните. Среќата на Хрватска, која целосно беше во право, беше во фактот што Словенија никој не ја подржа во ЕУ. Таа мораше да го проголта тоа со ветување дека проблемот ќе се реши со меѓународна арбитража, пред Хрватска да стане членка. Да потсетиме само дека Хрватска е веќе во Брисел а решение се’ уште нема! За разлика од нашиов случај, каде е директно заинтересирана единствената супер сила, таму некој друг ги меша картите.

ПРЕС24: Дали Европската Унија би била добар посредник во макеоднско-грчкиот спор?

НИКОВСКИ: Тоа го објаснивме ама да додадеме дека сега, формално, Брисел не блокира за членство во НАТО и ЕУ, не Грција. Ставот нивни е познат: блокада и уцена – прво името, потоа членство. Каква помош можете да очекувате од некој кој ви поставил таков ултиматум? Освен, да го забрза процесот на нашата капитулација со прекрстување?

ПРЕС24: Што станува со САД. Колкава е нивната заинтересираност да се дојде до решение на спорот?

НИКОВСКИ: САД се клучниот фактор во македонските голготи, сите овие години. Не Грција. Тие беа носители на суспензијата на нашето име и наметнувањето на референцата, при приемот во ООН; тие се творци на Привремената спогодба (која сега не ја почитуваат ниту со пресуда од Хаг, бидејќи дел е во наша корист) и на Охридскиот договор; нивната улога беше инструментална во агресијата од Косово во 2001-та; целосниот пресврт кон Македонија, спроведен на самитот на НАТО во Букурешт, во 2008-та, можеше да го режира само Вашингтон (ако беше Грција носител, прво Турција жестоко ќе се спротивставеше)...

После распадот на Југославија, САД за прв пат во историјата се главни на Балканот. Тука, своите долгорочни интереси тие ги реализираат преку стратешко партнерство со Албанците (не со Албанија!) и истите не кореспондираат со македонските. Тука лежи нашиот главен проблем. Во Вашингтон, не во Атина. 

ПРЕС24: Иако многумина и во меѓународната заедница препознаваат дека кај Грција нема некоја подготвеност за суштински дијалог, сепак засега изостанува каков било притисок врз Атина?

НИКОВСКИ: Се додека трае кризата во Грција, а тоа значи уште најмалку  три, четири, пет, шест... години, никаков помак не е реален. Со оглед дека кризата во Грција го доведе во прашање еврото, никаков притисок врз неа нема, ниту ќе има.

ПРЕС24:  Амбасадоре, Грција постојано зборува за позиција ерга омнес и географска одредница. Но, она што различно се толку е што тоа подрзбира. Што би значело за Македонија прифаќањето на овие два услова, географска одредница за ерга омнес употреба?

НИКОВСКИ: Не само на Грција туку на сите им е сосема јасно дека  црвената линија со ерга омнес е само максимализирање на нивната позиција и ништо друго. Таа е надвор од умот. И утре да не окупираат, тоа не можат да го спроведат. И да изберат квинслиншко Собрание, кое ќе го смени Уставот и ќе го прекрсти народот, тоа кратко ќе трае. Србите не успееја ниту за скоро 30 години да не прекрстат. Значи, оваа екстремна позиција има своја прикриена цел – да се сложиме референцата да се смени за име за понадвор! Тоа е максимумот кој и Атина, и Вашингтон, и Брисел... можат да го постигнат. Имаат и јадица и замка – нели, ќе ни ја сменеле референцата! И, ние треба да бидеме пресреќни! Зад тоа се крие тешка измама – ние да прифатиме има за понадвор, што би било погубно за земјата. Тоа е исто така ерга омнес ама на етапи и фази. Најмногу, за година дена ќе се менува и Уставот и се друго бидејќи ќе мораат да се менуваат и пасошите, и царинските документи... Ако се сложиме за во светот да бидеме нешто друго, тоа ќе мора да се почитува. Референцата ние никогаш не ја прифативме и таа не не обврзува.

Ако прифатиме име за понадвор, од тој момент за светот “Македонци“ ќе бидат тие 2,5 милиони измислени во Грција а не ние. Атина ќе го има целосно монополот на се македонско. Такво ќе биде и нивното вино, не нашето, нивните домати, краставици, пиперки... не нашите. Сами сме се согласиле со тоа, нели?

 Крајно опасно е што на оваа финта се фаќаат и паѓаат и поединци (некои за тоа сигурно се и платени!) и партии. Мораме да бидеме крајно внимателни. Дрвата не смеат да не попречат да ја гледаме шумата! Загрижувачко е што на оваа карта играат и САД. А нивното влијание нема граници додека тајните служби го прават своето.

ПРЕС24: Вие сте долги години во дипломатијата. Како го оценувате развојот на македонската дипломатија од независноста. Многумина аналитичари велат дека на Македонија овие 23 години независност и недостасуваше стабилна надворешна политика?

НИКОВСКИ: Македонската дипломатија се развива во рамките на севкупниот  домашен развој. Таа е резултат на реалните состојби во  земјата. Ни повеќе, ни помалку. Во изборот на амбасадорите се’ уште има доста волунтаризам, партиско влијание... се’ на сметка на квалитетот. Очигледно, тоа ни е нивото до кое сме стигнале.

Во однос на надворешната политика силен е впечатокот дека често пати сами си ги врзуваме рацете. Како да сакаме да покажеме дека сме поголеми католици од папата. Тоа е наш стар синдром. За да не го “навредиме“ Вашингтон, ја одбегнуваме Москва, неврзаните се нешто опасно за нас, а од 136 држави што ни го признаа уставното име,  137 (!!!) се од неврзаните! Тоа се неразбирливи работи ама ни се случуваат...

ПРЕС24: Има ли Македонија реално пријатели во светот, држави сојузници кои безрезервно стојат зад нејзините ставови?

НИКОВСКИ: Главен мотив во политиката се интересите. Така било, така останува и така уште долго ќе биде. За жал, нашата позиција, нашите интереси... не се поклопуваат со тие на други, “важни“ држави. Тоа е реалност со која мораме да живееме. Светот е униполарен и една земја диктира и што треба, и што не треба. Ние не сме во нејзиниот светоглед и тоа е хендикеп. Меѓутоа, иако со светот се’ уште доминира силата, Македонија ќе успее и ќе просперира. Тоа нема да биде лесно ама е неизбежно. Ваква каква што е, Македонија е најдобро решение за сите. И за комшиите, и за Брисел и, особено, за Вашингтон. Што побргу се сфати тоа, подобро за сите.

ПРЕС24: Последните две години на патото кон ЕУ се јави нов проблем. Бугарија сега е онаа која инсистира на добрососедство како услов за почнување преговри со унијата. Како се случи таков пресврат на бугарската надворешна политика кон Македонија?

НИКОВСКИ: Не е тоа никаков пресврт. Прашање беше само кога тоа ќе се случи, не дали. Во иднина, се повеќе ќе се соочуваме со блокадите на Бугарија. Тоа е логично бидејќи нивната вековна политика, дека нема Македонци, македонски јазик... е на финален тест. Ако не не освестат сега дека сме “Бугари“ и зборуваме таков јазик, пред да влеземе во НАТО, ЕУ, за нив борбата ќе биде дефинитивно изгубена. Моментот  е – да не биде, или не. “Бугари“, се разбира.

И, да не забораваме дека позиција на Бугарија е полоша од грчката. Софија не посвојува, смета дека не постоиме како одвоен етнос, народ, нација. За Атина тоа не е спорно, само да не сме Македонци. За нив е важен брендот, за Софија сме ние.

ПРЕС24:  Ако не се затвори билатералниот спор со Грција и оној со Бугарија, каде ја гледате Македонија следниве десет години?

НИКОВСКИ: И без НАТО и ЕУ Македонија може успешно да се развива и 100 години. Дали тие две ќе издржат толку – тешко е да се каже. Годините кои идат, нема да бидат лесни. Моментално, пречка е што не се вклопуваме во американските интереси во регионот. Треба многу да се работи тие што побргу  да сфатат дека разбивањето на Македонија не е можно без нова балканска војна, иако тие од внатре не поткопуваат. Пострашна од тие пред еден век. Тоа е гарантот и за државата и за Македонците. Шансите да успеат се никакви, што и да преземат

07.10.2013 - 13:12

најчитано сега