Почина филмскиот работник Стеван Ацевски

 Вчера починал филмскиот работник Стеван Ацевски-Стевче, роден во 1943 година. Според Кинотеката на Македонија, Ацевски починал по долго боледување.

Ацевски студирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград во класата организација. Од 1965 година работел за продукцијата на „Вардар филм“, во 1980-тите за продукцијата на „Авала филм“ - Белград, како директор на филм во копродукциите со италијански и американски партнери.

Соработувал и со играната (драмска) програма на ТВ Скопје. Потоа Ацевски повторно работел во „Вардар филм“, а во 1998/1999 бил и в.д.директор. Потоа почнал со приватна продукција на филмови.

Бил директор на филм на „Јад“ (1975), „Пресуда“ (1977), „Глава“ (1979), „Време, води“ (1980), „Јазол“ (1985), „Опасна баба“ (1985), „Хај фај“ (1987), „Викенд на мртовци“ (1988) и режисер на „Тумба Маџари“ (2001). 

10.10.2013 - 10:49

најчитано сега