СДСМ бара јавна дебата за предлог мерката за враќање на 15% од ДДВ

Одбивноста на Владата на ВМРО ДПМНЕ за прифаќање на предлог мерката на СДСМ за враќање на 15% од Данокот на додадена вредност е симптоматична, бидејќи истата побудува голем интерес кај граѓаните. 

Очекувавме ВМРО-ДМПНЕ да коментира, па и да дава предлози и сугестии, во однос на техничките аспекти за спроведување на мерката. Но, ова веќе се граничи со патологија. Според реакциите на Владата излегува дека во оваа држава никој, освен член на ВМРО ДПМНЕ, не може ниту да има, ниту да предложи било што издржано.

 Во вчерашната реакција на ВМРО ДПМНЕ по повод последната изјава на Претседателот на СДСМ, за истата предог-мерка, наместо издржан коментар  со факти и бројки, ДПМНЕ уште повеќе ја откри својата намера за манипулација. Имено, наспроти тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека Заев говори дека враќањето на 15% од ДДВ-то ќе создаде приход од 30.000 денари годишно за секој граѓанин, факт е дека при образложувањето на предлог мерката СДСМ зборува(ше) за 20 илјади до 30 илјади денари годишно, ПО СЕМЕЈСТВО, и тоа ВО ПРОСЕК. Тоа сосема ја менува пресметката. Таа е следната:

Во буџетот на РМ, по основ на ДДВ, годишно се собираат околу 45 милијарди денари. Според официјални податоци, даночното затајување се проценува на околу 35%. Ако со нашата предлог мерка тоа затајување кај ДДВ-то се намали за две третини, тогаш во буџетот ќе се собираат по околу 55 милијарди денари годишно по основ на ДДВ. А 15% од тоа изнесува околу 8 милијарди денари, односно, околу 130 милиони евра. Затоа СДСМ аргументирано говори дека кон граѓаните би се враќал толкав вкупен износ годишно.

Понатаму, според официјални податоци, во РМ живеат околу 2 милиони граѓани.

Но, точниот број, по „заслуга“ токму на владата на ВМРО ДПМНЕ со неспроведувањето на пописот, за кој патем парите беа потрошени, точниот број на граѓани всушност никој не го знае. 

Уште повеќе, со оглед на интензитетот на непрекинатото отселување од државата СДСМ појде од претпоставка дека во Македонија има околу 1.600.000 жители со постојан престој. Потоа, бидејќи просечното семејство во државата брои меѓу 4 и 5 члена, појдовме со претпоставка дека во Македонија живеат околу 355.000 семејства. 

Да повториме уште еднаш, сите овие претпоставки се неопходни бидејќи владата на ВМРО ДПМНЕ не го спроведе пописот. Сега, ако 13 милиони евра годишен поврат на ДДВ, се подели со наведениот претпоставен број на семејства, се добива износ од околу 380 евра, односно, околу 23.500 денари по семејство годишно. Бидејќи, како што беше кажано, станува збор за просек, СДСМ во изјавите ја изнесе претпоставката дека враќањето на 15% од ДДВ-то ќе создаде дополнителен приход меѓу 20 илјади и 30 илјади денари по семејство годишно. 

Се надеваме дека претставената пресметка нема да биде премногу сложена за раководството на ВМРО ДПМНЕ. Исто така, можеби сумата меѓу 20,000 до 30,000 денари годишно за раководството на ДПМНЕ е „скоро никаков финансиски ефект“, како што самите кажуваат, но можат да бидат сосема уверени, дека за просечниот граѓанин на Македонија, таа сума не е воопшто безначајна! Патем речено, благодарение токму на нивното владеење. 

Покрај тоа, останува да се истакнат уште два моменти во однос на реакциите на Владата за предметната предлог-мерка на СДСМ. Имено, посебно е интересна конфузијата во изјавите дека оваа влада на ДПМНЕ претпочита пониски даноци, за разлика од СДСМ кој, наводно, претпочитал повисоки даноци. Се прашуваме, дали раководството на ДПМНЕ не може да согледа дека предлогот на СДСМ за враќање на 15% од ДДВ-то всушност значи смалување на даночната стапка, односно, помал данок за граѓаните? Па тоа не би требало да биде многу тешко за согледување. 

Второ, исто така е интересна упорноста на ДПМНЕ во тврдењето дека намалувањето на ДДВ-то за 15% ќе создаде намалување на буџетот, што ќе ги загрози исплатите кон граѓаните по разни основи. Па нели буџетот на РМ, согласно изјавите на владата, има многу добра ликвидност, и власта, наводно, „плива во пари“? Се прашуваме, дали ова инсистирање на власта дека може да дојде до проблеми со буџетот во иднина, всушност не значи „премолчено“ признавање дека државата е презадолжена, па обврските до таа основа кои ќе пристигаат во наредните години ќе го стават буџетот во „пренапрегната состојба“. Ако не е така, зошто е тогаш толку големиот страв на владата? 

Ги повикуваме министрите во владата, за ефектите од примената на мерката на СДСМ да не се кријат зад партиски соопштенија туку да излезат на отворена јавна дебата.

Интегрален текст од изјава на СДСМ.

 

12.10.2013 - 15:13

најчитано сега