Оливер Шамбевски: Да се ставиме во служба на Македонија почнувајќи од обновата на меѓучовечките односи

На Македонија и е потребна обнова, но особено обнова на меѓучовечките односи во државата, вели поранешниот амбасадор на Македонија, Оливер Шамбевски во интервју за Прес24, посочувајќи дека опозицијата, за која смета дека ќе биде идната власт, мора многу мудро да го истера процесот на лечење на отворените рани. 

-За мене е извесно дека сегашната македонска опозиција ќе биде новата власт во Република Македонија и од неа ќе зависи тонот на дебатата. Таа ќе мора да исправи серија неправди, да залечи серија непотребно отворени рани и притоа да внимава да не нанесе непотребно нови. Ќе и треба многу мудрост да го направи сето тоа и притоа да работи на обновата на Македонија, но да не заборавиме дека обновата на меѓучовечките односи во оваа држава сепак ќе мора да биде на прво место по ова девастирачко владеење на актуелната влада, вели Оливер Шамбевски во интервју за Прес24.

Од позиција на поранешен дипломат, Шамбевски смета дека позицијата на Франција, во поглед на македонските евроинтеграции, не треба да се бара во потребата од внатрешна реформа на Унијата, во некакви нови правила итн. Итн, односно смета дека проблемот со недобивањето датум за почеток на преговорите, лежи во неподготвеноста на Македонија.

Ваквиот став на Франција е само дипломатско миење на рацете на Унијата. Знам дека овој став изгледа по малку чуден, но видете ги изјавите на амбасадорот Тимоние пред самитот во Брисел и обидете се да најдете дека на некое место зборува за неподготвеноста на Унијата, мислам дека акцентот сепак му е врз неподготвеноста на Македонија, а јас би додал во поголема мера на Албанија. Зошто македонската дипломатија не успеа/успева да се одвои од тој чуден пакет е веројатно прашање само по себе за анализа. Хрватска тоа успешно го стори, оти не заборавајте и Хрватска кон средината на 2000-те беше дел од Западен Балкан, вели Шамбевски.

Амбасадорот смета дека актуелната власт треба да остане принципиелна и да не се впушта во процес на предизборно пополнување на испразнетите амбасадорски места, за кои веќе долг период нема договор за нови имиња. 

-Мислам дека се должи на несериозност како на понудата така и на интересите на кабинетите и на политичките партии од власта. Сметам дека непотребно трпи угледот на земјата само заради тоа што не можат да се договорат за имињата. Сепак, откако го кажав ова, сметам дека сега пред избори најчесно ќе биде министерот Димитров да си достои на своето барање од времето кога беа во опозиција и да не се упатуваат амбасадори до завршувањето на изборниот процес. Александар Николовски беше преседан, кој во случај на промена на власта може да биде многу добро искористен за повлекување на сите назначувања кои ќе бидат направени сега. Затоа мислам дека е чесно и кон потенцијалните амбасадори, но и кон земјите во кои би ги испратиле, да не упатуваат амбасадори во овој момент, вели Оливер Шамбевски, амбасадор во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: ЕУ по предлог на Франција ќе го менува моделот на преговори. Засега нема конкретен документ, што тоа содржи, но во основа се спомнува можноста за преиспитување на поглавјата во процесот, односно некој вид контрола на фактичката примена на ЕУ законите. Што би значело тоа за Македонија?

ШАМБЕВСКИ: Знаете како, мене во принцип не ми се допаѓаат непринципиелни менувања на правилата во текот на натпреварот. Мислам дека ова не е тоа, туку веројатно позицијата на Франција не треба да ја бараме во потребата од внатрешна реформа на Унијата, во некакви нови правила итн. итн., односно мислам дека проблемот лежи во неподготвеноста на Македонија за започнување на преговори, а ваквиот став на Франција е само дипломатско миење на рацете на Унијата. Знам дека овој став изгледа по малку чуден, но видете ги изјавите на амбасадорот Тимоние пред самитот во Брисел и обидете се да најдете дека на некое место зборува за неподготвеноста на Унијата, мислам дека акцентот сепак му е врз неподготвеноста на Македонија, а јас би додал во поголема мера на Албанија. Зошто македонската дипломатија не успеа/успева да се одвои од тој чуден пакет е веројатно прашање само по себе за анализа. Хрватска тоа успешно го стори, оти не заборавајте и Хрватска кон средината на 2000-те беше дел од Западен Балкан.

ПРЕС24: Македонија и земјите од Западен Балкан имаат став дека не прифаќаат нешто што би било спротивно од полноправно членство во ЕУ, но во европската јавност се зборува за некаков модел кој би бил нешто поинакво. Колку вакво сценарио би било реално?

ШАМБЕВСКИ:  Апсолутно во право се политичкиот врв и од опозицијата и од власта што стои на позиција дека не прифаќа некој вид на асоцијација што не е полноправно членство. Впрочем таа позиција беше потврдена на средбата на лидерите на највлијателните партии кај претседателот Пендаровски. Инаку јас се плашам дека ваквото сценарио е не само реално туку и посакувано од страна на земјите кои го блокираа отпочнувањето на преговорите со нови членки. Македонија направи големи жртви во изминативе скоро триесет години за да се откаже сега и да прифати непринципиелност од ЕУ.

ПРЕС24:  НАТО членството е не спорно. Дали оваа интеграција за Македонија ќе значи затворање на прашањата за нејизна стабилност?

ШАМБЕВСКИ:  Не, се разбира дека не. Ако сакаме да бидеме искрени членството не значи затворање на прашањето за стабилноста на ниту една земја членка, вклучувајќи ги и најголемите и најсилните, но секако значи сериозно зголемување на потенцијалите за одговор во случај на загрозување на стабилноста на земјата.

ПРЕС24:  Како ги оценувате договорите со Грција и со Бугарија?

ШАМБЕВСКИ:  Како исклучително лоши, диспропорционални, со катастрофални последици по македонскиот идентитет, а во крајна линија ќе бидат со катастрофални последици и по самиот процес на ЕУ интеграции на Македонија, бидејќи им стави во рацете на Бугарија и Грција алатки со кои бесконечно долго ќе можат да ја блокираат и да ја уценуваат Македонија на секој чекор од тој процес и притоа да имаат изговор. Впрочем, Бугарија тоа и го направи со онаа срамна резолуција на нивната Влада и Собрание пред самитот во Брисел. Очигледно овие договори беа потпишани и насилно протуркани од луѓе на кои личниот им беше пред националниот интерес. Се надевам дека сепак Македонија ќе изнајде сили и ќе го заврши овој процес не заради, туку, и покрај договорите со Грција и Бугарија. Мене единствено ме растажува што овие договори долго време ќе генерираат поделби во нашето општество, затоа што нема како да се избегне впечатокот дека тие што ги потпишаа и пропагираа, но и оние што беа нивни апологети, извршија предавство кон ова национално ткиво и покрај јасната негова волја искажана на референдум.

ПРЕС24:  Вие бевте Амбасадор неколку години, ако се направи анализа за овие речиси три децении независност, како би ја дефинирале македонската надворешна политика? Успешна или?

ШАМБЕВСКИ:  Дипломатијата секогаш и без исклучок е одраз на општеството што го претставува, слика на Владата и претседателот и на оние кои ја креираат надворешната политика. Така што оценката за тоа каква е македонската дипломатија веројатно секој може да си ја даде ако го оцени македонското општество. Јас сепак тврдам дека македонската дипломатија дава се од себе за достојно презентирање и бранење на македонските интереси. Знам дека секогаш во јавноста се перцепираат лошите примери и скандали, а македонската дипломатија не била поштедена од такви. Сепак, јас ќе ви посочам личен пример, којшто претставува значаен успех не само за мене професионално, туку за македонската дипломатија во целина, односно за нашата земја. Имено и покрај целата негативна атмосфера и дваесет и неколкугодишни безуспешни обиди, Македонија воспостави дипломатски односи со Малта и тоа под името Република Македонија, само една година пред потпишувањето на договорот од Преспа. Потоа се потпиша договорот од Преспа и сега македонските дипломати ја следат таа насока на македонското општество, дали е добро или лошо, не е оцена за македонската дипломатија.

ПРЕС24:  Во моментов има голем број празни амбасадорски места. На што се должи тоа?  Немање соодветен кадар, или ?

ШАМБЕВСКИ:  Мислам дека се должи на несериозност како на понудата така и на интересите на кабинетите и на политичките партии од власта. Сметам дека непотребно трпи угледот на земјата само заради тоа што не можат да се договорат за имињата. Сепак, откако го кажав ова, сметам дека сега пред избори најчесно ќе биде министерот Димитров да си достои на своето барање од времето кога беа во опозиција и да не се упатуваат амбасадори до завршувањето на изборниот процес. Александар Николовски беше преседан, кој во случај на промена на власта може да биде многу добро искористен за повлекување на сите назначувања кои ќе бидат направени сега. Затоа мислам дека е чесно и кон потенцијалните амбасадори, но и кон земјите во кои би ги испратиле, да не упатуваат амбасадори во овој момент.

ПРЕС24:  Како ја оценувате домашната политичка слика?

ШАМБЕВСКИ:  Па мислам дека никогаш не била полоша. Односно дека никогаш не била толку многу токсична. За тоа, без трошка сомнеж, вината ја гледам во актуелната владејачка гарнитура и нивниот нахален и узурпаторски стил на владеење, кој во крајна линија не даде резултати на ниту едно поле. Македонската опозиција, која се поизвесно е дека ќе биде новата власт во оваа држава, треба да ја анализира добро ситуацијата, да ги исправи нанесените неправди, но и да внимава да не направи нови оти така ќе започне еден волшебен круг од кој Македонија тешко дека ќе излезе сплотена. Да не заборавиме дека од оние судири меѓу левицата и десницата на почетокот на минатиот век продуцираа лузни кои сè уште ги носиме.

ПРЕС24: Во април треба да има предвремени избори. Колку тие можат да дадат нова слика на политичката реалност во Македонија, во смисла на стабилизирање на политичката игра, или пак и по нив, без разлика на победникот, ќе продолжи големата нетрпеливост меѓу политичките ривали?

ШАМБЕВСКИ:  Делумно одговорив во претходното прашање. За мене е извесно дека сегашната македонска опозиција ќе биде новата власт во Република Македонија и од неа ќе зависи тонот на дебатата. Таа ќе мора да исправи серија неправди, да залечи серија непотребно отворени рани и притоа да внимава да не нанесе непотребно нови. Ќе и треба многу мудрост да го направи сето тоа и притоа да работи на обновата на Македонија, но да не заборавиме дека обновата на меѓучовечките односи во оваа држава сепак ќе мора да биде на прво место по ова девастирачко владеење на актуелната влада.

ПРЕС24: Размислува ли Шамбевски за полтички ангажман, или останува во дипломатијата?

ШАМБЕВСКИ:  Јас во моментов не сум ангажиран во македонската дипломатија, а да бидам искрен во моментов не сум размислувал ниту за некој посебен ангажман. Јас сум секогаш подготвен моите капацитети, контакти и искуство да ги ставам на располагање на Македонија. Па така, ако некој смета дека му се потребни знае каде да ме најде.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.11.2019 - 13:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега