Животот во Скопје ќе се уништи за 35 години

Научниците тврдат дека овој процес ќе почне во 2048 година и практично не може да запре. Дури и во случај да се намали емисијата на штетните гасови, неподносливата жештина би можела само да се пролонгира за 30-ина години

Глобалното затоплување ќе го уништи животот во Скопје за само 35 години, пишува Вечер. Овие катаклизмични прогнози стигнаа директно од Хаваите од каде тим на универзитетски професори кои го истражуваат влијанието на штетните гасови дошле до сознание дека во македонската метропола во 2049 година нема да има услови за нормален живот заради екстремно високите температури кои потполно ќе ја изменат климата во ова поднебје. Според истражувањата, просечната температура ќе изнесува околу 50 степени Целзиусови. Според американските прогнози прва без луѓе ќе остане Подгорица само една година пред Скопје во 2048 година, потоа Љубљана и Сараево, а последен во низата е Загреб.

Научниците тврдат дека овој процес практично не може да запре. Дури и во случај да се укине или намали емисијата на штетните гасови кои настануваат од согорување на фосилните горива, неподносливата жештина во Подгорица на пример, би можела само да се пролонгира до 2076 година. Истражувањето не покажува колку температурата ќе расте на годишно ниво, но се тврди дека после нултата година постојано ќе се зголемува. 
- Обемот и силата на климатските промени ќе ги натераат луѓето да го променат местото во кое живеат бидејќи нема да можат да ја поднесат климата. Ќе биде неподносливо за луѓето, но и за многубројните животински видови кои ги населуваат регионите, изјавил шефот на истражувачкиот тим од Хаваите, Камило Мора за Ен-Би-Си њуз. Тој наведува дека стотици милиони луѓе ќе бидат присилени да побегнат од врелата клима, која претстои. 
- Животот во цели региони на планетата ќе биде истребен. Дури и кога денеска би постоела политичка волја драматично да се смали емисијата на штетните гасови, апокалипсата би била одложена дури по 30-ина години", тврди Мора.

Проценките на тимот научници предводени од Мора покажуваат дека драматичното затоплување најпрво ќе го зафати тропскиот појас. Индонезија ќе биде погодена веќе во 2020 година.

14.10.2013 - 23:32

најчитано сега