Љубе Бошковски до Мицкоски: Опседнати сте со мене, ајде на дебата на телевизија

Со целосна почит кон Вас, но забележувам во последно време некако сте опседнати со мене, па се почесто го изговарате моето име, а притоа морам да констатирам дека не сте добро информирани и намерно или не ширите дезинформации. Ова го вели Љубе Бошковски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

- Јас, како основач на ВМРО-ДПМНЕ и човек кој е 30 години ВМРО, со цела почит кон Вас, ама не ве познавав до неодамна и прв пат ве видов на телевизија пред некое време. Но, побитно е дека како човек кој замислува дека ќе стане некогаш премиер, треба да разликувате што е министер за странски инвестиции, а што е советник за странски инвестиции. Јас не сум министер за странски инвестиции, туку сум советник на премиерот за странски инвестиции. Господнине Мицкоски, тоа значи дека јас советувам, немам обврска да носам странски инвестиции. Но и покрај тоа, инвестиции има да ги броите цел ден, дел донесени и од мене. Сите се дојдени поради добрата бизнис клима која се создаде после пеколот што го направи вашиот ментор во бегство. Инвестиции има поради крајот на еден режим за кој вие по се изгледа уште не сте свесни со оглед дека кажувате за методи за влечење некого за ракави. Со сета почит, господине Мицкоски, но мислам дека малку сте ја згрешиле стратегијата. Сега е дозволено и добро е да се критикува, но пред тоа треба да се извините и да се оградите од досегашното владеење  на вашиот ментор, вели тој.

Додава, со сета почит и најдобронамерно сакам да ви кажам дека вашиот рок на траење ќе биде само уште неколку месеци.

- Доколку сакате да се објасниме за инвестициите, вклучувајќи ги и тие во хидроцентралите ви стојам на располагање, на било која телевизија и во било кој термин. Ако сте толку убедени дека сте лидер, прифатете ја поканата и очекувам многу брз одговор, завршува Бошковски.

За потсетување, Мицкоски вчера говореше дека годината која СДСМ ја најавувале за најуспешна, е најтешката.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.12.2019 - 10:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега