Николоски: Ако не се презентираат во суд, за многу брзо ќе ги објавиме доказите за „Рекет“ – има материјали кои водат до Заев

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за материјалите поврзани со случајот „Рекет“ кои ги најави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

 Николоски рече дека тие материјали се доставени до нив од свиркачи на кои, како што рече, им е преку глава од криминалот и корупцијата.

„Тие документи говорат за далеку поголема инволвираност, лично на Зоран Заев, и на луѓе околу него, од ова што сега е познато во јавноста. Имајќи предвид дека судскиот процес почна, ние се уште даваме шанса на правосудните органи, сите овие факти да ги презентираат во судот. Доколку не го направат тоа, а како што ми стои сега, мислам дека нема да го направат, за многу брзо, кога велам многу брзо, мислам на недели а не на месеци или години, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде приморано да излезе во јавноста и да ги презентира истите“,рече Николоски.

Во однос на изјавата на Орце Камчев кој демантираше вмешаност на Заев, Николоски прашува дали премиерот навистина пријавил во Обвинителството за организиран криминал и корупција, алудирајќи на тоа дека нема копија од пријавата, како и дека баш поради тоа решил да го тужи.

„Уште една провокација. Дали Зоран Заев ќе сведочи во „Рекет“? Досега не сме го виделе дека е поканет да сведочи, а некако ниту самиот не се нафаќа јавно да понуди да сведочи. Зошто не излезе во јавност и да каже – јас би сакал да сведочам и да кажам што знам“, рече Николоски.

На забелешката дека тоа е работа на обвинителството или на одбраната, Николоски рече дека ниту едните ниту другите не би го викнале бидејќи им е страв од него, па затоа најдобро би било сам да понуди да сведочи.

„Мислам дека не го прави тоа затоа што многу лесно може од сведок да стане обвинет, и затоа се обидува вака да се испере, мене да ми поднесува тужби, да прави пр дека тој пријавил а не пријавил и да не се појавува во судскиот спор“, рече Николоски.

Николоски вели дека постојат материјали поврзани со случајот „Рекет“ коишто водат до Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.12.2019 - 22:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега