Стаменковска: Без почитување на законот за Влада не постојат основни услови за фер и демократски избори

ВМРО-ДПМНЕ како во 2015 така и денес стои зад ставот дека е неопходна институционална реорганизација, но заради воспоставување на институционална рамка со јасни надлежности и линии на отчетност, а не како алиби за бркање од работа на неистомисленици и алатка за предизборни уцени на административците, пишува на нејзината Фејсбук страница дополнителната министерка за информатичко општество Невенка Стаменковска Стојковски.

-Бидејќи ова е операција од која треба да произлезе долготрајно и издржано решение, при имплементирањето на истата треба да се воспостави сериозен пристап и да се базира врз основа на наоди од темелни функционални анализи согласно закон и методологија. Раководните структури поставени од СДС покажаа дека не се способни за спроведување на такви анализи, поради што се врши обид да се поедностави процесот при што се заобиколува законот и се отвора простор за злоупотреба на нивните раководни функции, субјективност и манипулации, пишува Стаменковска.

-Обидот на СДС да го прескокне најважниот чекор само покажува дека оваа суштинска операција и средствата на даночните обврзници на Европската Унија ќе бидат злоупотребени за политички реваншизам, целосна партизација на администрацијата и за релативизирање на нивната неспособност за спроведување на вистински реформи, додава таа.

-Воедно потенцирам дека поднесувањето на оваа информација без да бидам консултирана претставува грубо кршење на член 46 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија, а без почитување на овој закон не постојат основни услови за фер и демократски избори, порачува дополнителната министерка за информатичко општество Невенка Стаменковска Стојковски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.01.2020 - 11:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега