Арсовски: Кацарска судството е разобличено, симнати се маските од Луј Витон

Кацарска судството денеска е целосно разобличено. Симнати се маските од Луј Витон правдата  и тоа не од сведок со сомнителна биографија туку од обвинител кој постапува по активни предмети, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

-Според тврдењето на сведокот Лиле Стефанова, обвинител во предметот Империја, судијата Добрила Кацарска директно се јавувала кај сега веќе обвинетата Катица Јанева за да влијае врз истрагите. Обвинителката Стефанова под полна морална и правна одговорност, денеска сведочеше дека Добрила Кацарска постојано била присутна додека се одлучувало околу барањето за притвор на еден од осомничените во предметот Империја и се интересирала за текот на постапката. Ова е класична злоупотреба на овластувањата и мандатот кој што го има еден судија, односно Добрила Кацарска. Почитувани, еве што изјавуваше во јавност Добрила Кацарска во врска со предметот Империја уште во март минатата година. Внимавајте ова е изјава на Добрила Кацарска во телевизијата чии што сопственик е директно вмешан во случајот Рекет. Значи, не само што ги злоупотребувала овластувањата и мандатот кој што го има, според ова што можевме да го видиме и слушнеме, уште во март 2019тата година Добрила Кацарска свесно лажела и ја манипулирала јавноста. Согласно Законот за судски совет, членот 36, советот е надлежен да ја следи и оценува работата на судиите и да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството. Сведочењето на Лиле Стефанова е аргумент кој судскиот совет не смее да го изигнорира. Советот мора веднаш да отпочне постапка за разрешување на Добрила Кацарска и да се повика на овластувањата кои ги има во истиот член 36, да одлучува и за времено оддалечување на судија од вршење на судиска функција, истакна Арсовски.

ВМРО ДПМНЕ го повикува Јавниот обвинител да не премолчува, да не  замижува и да се прави слеп пред сите овие случаеви и пред очигледните злоупотреби и да отвори и кривична постапка против судијата Добрила Кацарска за злоупотребите на службената положба и овластувањата кои што ги има како судија, додава тој.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.01.2020 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега