Заев по седницата на ЦО: Започнуваме постапки за избор на најодговорните кандидати за пратеници

Владејачката СДСМ на седницата на вечерашната седница на Централниот Одбор на партијата ја утврди постапката за избор на кандидати за нови пратеници за изборите во април.

По седницата, претседателот на партијата Зоран Заев, изјави дека постапката ќе биде транспарентна и ќе се одвива преку партиските тела, а најави и формирање на работна група во партијата за која кажа дека ќе има за цел да креира ранг листа со предлог-кандидати, кои потоа би биле потврдени на Конгресот на СДСМ.

,,Вечерва ја одржавме 14-та седница на Централниот одбор на СДСМ на која донесовме важни одлуки за делувањето во пресрет на предвремените парламентарни избори.

Започнуваме постапки за избор на НАЈОДГОВОРНИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ПРАТЕНИЦИ во историјата на НЕЗАВИСНА Македонија!

Процесот на избор за кандидати за пратеници ќе биде транспарентен, инклузивен и професионален со цел да се одберат одговорни, чесни професионални личности, кои уживаат углед и доверба во професиите и во местата на живеење.

Постапката за избор започнува  од базата на партијата, од месните и општинските одбори кои ќе предлагаат и усвојуваат имиња за кандидати за пратеници, а паралелно ќе биде дадена можност и за самокандидирање. Она што е новост во постапката е формирање на работна група кој ќе биде задолжена за креирање на ранг листа на кандидатите за пратеници, а која во својот состав задолжително ќе вклучува надворешни експерти од различни области и ќе одлучува врз основа на строго утврдени критериуми, донесени од страна на партиските органи.Секако конечните листи, согласно статутот ќе бидат потврдени на Конгресот на СДСМ.

На овој начин СДСМ ги избира најодговорните кандидати за пратеници од независноста до сега, со што преземаме обврска да продолжиме да градиме независен парламент и со тоа, способна држава.

СДСМ покажа дека презема храбри и одлучни чекори кога е во прашање демократијата, слободата и враќањето на државата во рацете на граѓаните.Создадовме концепт отворена влада. Денес ја имаме најтранспарентната влада во регионот.

Овозможивме амбиент за слободни медиуми. Слободата на изразување и на говор е гарантирана и препознаена од сите меѓународни фактори.Создадовме концепт за едно општество. Важиме за уникат, мозаик во регионот и пошироко за успешно, мирно и заедничко живеење на различни заедници и индивидуи, кои имаат еднаква одговорност кон сопствената држава.

Создадовме услови за независен парламент. Знаеме дека не беше лесно Собранието да се трансформира од место кајшто во 2017 крваво се кршеа пратенички глави, до место во кое се носат закони од интерес на граѓаните, место кајшто се гарантира членството на Северна Македонија во НАТО, место кое е Дом на демократијата, дом на граѓаните.

Упатувам огромна благодарност до актуелната пратеничка група на СДСМ и коалицијата во Собранието која мина низ многу премрежија, која донесе историски одлуки, која со своето работење ја носи државата напред онаму кадешто припаѓа, во ЕУ и НАТО. Тие се пример за тоа што значи да се биде одговорен кон сопствениот народ и сопствената држава.Убеден сум јас, убедени се сите, дека можеме уште повеќе и уште подобро!

Упатувам и огромна благодарност и кон други пратеници надвор од нашата коалиција кои знаеа да ги стават интересите на државата пред партијата.Ако можевме да ја отвориме владата, да ги ослободиме медиумите, да го обединиме општеството, сигурно можеме да ги понудиме и да ги избереме најодговорните пратеници.

Имаме должност на Собранието на Северна Македонија да му обезбедиме народни претставници за кои партијата е само механизам како подобро да ги претставуваат граѓаните и како подобро да им служат на граѓаните.Пратеници кои се различни по сите основи, мажи и жени, 50-50.

Пратеници, граѓани кои се согласни дека државата им припаѓа на сите подеднакво и дека е наша заедничка одговорност.

Така се гради независен и одговорен парламент.Ова е уште еден доказ дека СДСМ е партија која во моментов е најблиска до граѓаните.

СДСМ е столб на граѓанскиот концепт на нашата држава.СДСМ ги трансформира институциите и гради способна држава.Со понудата со која ќе излеземе пред граѓаните, остваруваме уште една сигурна победа.

Тоа ќе биде голема победа на нашите политики, победа на СДСМ и коалицијата, победа на граѓаните, рече Заев. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.01.2020 - 21:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега