Битиќи: Ги зголемивме платите во сите сектори, за нас секој е важен

Како одговорна партија во изминатите две и пол години покажавме силна посветеност во инвестирањето во човечкиот капитал. Нашата определба за реален одржлив раст на платите, дава видливи резултати кажа на денешната прес-конференција Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ .

„Во изминатите две и пол години платите растеа во сите сектори. Уште на самиот старт на мандатот ја покачивме минималната плата на 12.500 денари и таа постојано расте. Со последното зголемување во декември таа денес изнесува 14.500 денари, што е за 60 отсто повеќе во однос на 2017 година кога таа изнесуваше само 9.000 денари. Со тоа се отвори спиралата на раст на платите што најдобро се гледа во примерот со просечната плата. Просечната плата во ноември изнесува 25.787 денари, што е за 1.239 денари повеќе отколку во ноември 2018 година и е речиси за 2.600 денари повисока отколку во ноември 2017 година“, кажа Битиќи и додаде:

„Од јануари оваа година за 10 отсто ги зголемивме платите во образованието. Над 32.000 граѓани вработени во основното, средното и високото образование добиваат значително повисоки плати.  Со ова последно покачување, вкупното зголемување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, изнесува кумулативно скоро 21% имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година. Значително пораснаа и платите во социјалната и детската заштита. Го враивме достоинството на воспитувачите и на социјалните работници. 1.170 вработени во Центрите за социјални работи добија историско зголемување на платите во просек за 4.363 денари по вработен. Историски највисоко покачување добиваат 3.138 негователи и воспитувачи во градинките кои сега земаат плата во просек за 3.000 денари повиока од претходно. Растот на платите продолжува. Веќе од февруари значително се зголемуваат платите во здравството. Лекарите специјалисти, медицинските сестри и техничкиот персонал добиваат ново зголемување на платите. Со мерките што ги спроведуваме обезбедуваме раст на платите во приватниот сектор. Меѓу таквите мерки е и субвенционирањето на придонесите од задолжителното осигурување за компаниите кои ќе ги покачат платите до 6.000 денари. Оваа мерка досега ја искористија над 20.000 компании или вкупно 106.000 вработени во приватниот сектор. Воведовме и младински додаток на плата од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производство. Сите овие мерки значат повисоки плати и повисок животен стандард. Ова не се само обични бројки, ова е реално подобрување на семејните буџети. Продолжуваме и понатаму да инвестираме во човечкиот капитал. За нас секој е важен“, кажа Битиќи.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.02.2020 - 12:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега