СДСМ: Tехничките кадри на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека се кадри на Груевски кои работат против интересите на државата

Техничките кадри на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада за еден месец не понудија ништо конкретно во насока на евентуално подобрување на работата на институциите, туку напротив покажаа дека се кадри на Груевски, кои работат против интересите на државата, велат од владејачката СДСМ.
„Последен доказ за тоа е барањето на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во својот кабинет да го смести советникот на Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, кој според сведочењата во процесот за 27 април има улога во организацијата на настаните од крвавиот четврток.
Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи уште од првиот ден ги навреди жените, а потоа и јавно му кажуваше на новинар како и за што треба да известува. Нејзиниот тим, видовме дека  е составен од лица кои се креатори на проектот Скопје 2014, како и лица кои што биле дел од кабинетот на Диме Спасов.
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, исто како Груевски упадна во простории на негови вработени и јавно ги снимаше и вршеше политички притисоци. Трипуновски, освен тоа што има кривична пријава за проневера на 117.000 евра, е познат и по тоа што организираше партиски протести, каде што функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ глумеа дека се земјоделци.
Дополнителната заменичка министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочовска во својот тим, исто така, има ангажирано лица блиски на Никола Груевски и Ѓорге Иванов, како и блиски соработници на поранешниот министер Зоран Ставревски кој што остави длабоки штети врз македонската економија.
Невенка Стаменковска Стојковски, која што е дополнителна заменичка министерка за информатичко општество и администрација е самата директно кадар на Никола Груевски. Таа беше во првите редови пред судовите кога се одвиваа судските процеси против криминалот на Никола Груевски и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада задолжена за организирање на изборите за еден месец покажаа дека работат единствено за обнова на режимот, а против интересите на граѓаните и на државата.
Граѓаните го гледаат тоа и затоа на 12 април ќе порачаат – режим никогаш повеќе!“, стои во соопштението на СДСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.02.2020 - 09:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега